• сабота, 16 ноември 2024

Османи за „Политика“: Западен Балкан КВАД не го загрозува Отворен Балкан

Османи за „Политика“: Западен Балкан КВАД не го загрозува Отворен Балкан

Белград, 5 април 2023 (МИА) - Платформата КВАД е промоција на специфични вредности и идеи директно поврзани со евроинтегративниот процес, односно усогласување со ставовите на ЕУ за актуелните прашања со кои се соочува европскиот континент, изјави за „Политика“ министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој во интервјуто се осврнува и на спроведувањето на Бриселскиот договор и договорот меѓу Белград и Приштина во Охрид, нагласувајќи дека овој чекор е многу важен за целиот регион, јави дописникот на МИА од Белград.

Османи по реакциите во српските медиуми, почнати од руски „Спутник“, во интервјуто за „Политика“ ја објасни платформата Западни Балкан КВАД.

-Станува збор за унапредување на целосно усогласување на надворешната политика на четири земји (Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора) со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Овој неформален форум е автентичен и на ниту еден начин не поврзува или загрозува никаква регионална иницијатива, особено не Отворен Балкан или Берлинскиот процес, изјави Османи.

Како што кажа, во регионот има повеќе од седумдесет регионални иницијативи и секоја има своја оправданост и тежина, ревитализацијата на Берлинскиот процес, не го исклучува Отворениот Балкан, кој својата оправданост и неопходност ја докажа со фактот дека тоа е наша оригинална иницијатива и што самите ја дефинираме динамиката на активностите и средбите, како трите земјите сметаат дека тоа е оправдано или неопходно. Идеите и договорите првично се блиски до идеите и целите на Берлинскиот процес и во тој поглед двете иницијативи се комплементарни, оцени Османи.

-Од друга страна, платформата КВАД е промоција на специфични вредности и идеи директно поврзани со процесот на европска интеграција, т.е. усогласување со позициите на ЕУ за актуелните прашања со кои се соочува европскиот континент. Целокупното усогласување на земјите од регионот со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ е многу повеќе од исполнување на „бенч-маркови“ - тоа е суштинската одлука на земјите за нивната припадност, искреност и лојалност кон процесот на пристапување во ЕУ. Како земји кои успеаја да го постигнат тоа, сакам оваа политика во регионот да ја промовирам како позитивна и успешна, со желба што поскоро да ги видиме сите надворешнополитички позиции и интереси на земјите од Западен Балкан усогласени со Брисел, вели Османи.

Во интервјуто за „Политика“ се осврнува и на Договорот постигнат во Охрид меѓу Белград и Приштина.

-Договорот и неговото целосно спроведување не се важни само за Србија и Косово, туку и за целиот регион и неговата европска иднина. Сакам да потсетам дека средбата меѓу претседателот Вучиќ и премиерот Курти се одржа во Охрид во истата зграда каде беше постигнат Охридскиот рамковен договор, кој се смета за најуспешен мировен договор кој произлезе од конфликтот во поранешна Југославија. И Косово и Србија ги сметаме за наши блиски соседи и несомнено сакаме средбата во Охрид да биде пресвртница во односите меѓу овие две земји. Нашето искуство во затворањето на сопствените отворени прашања, и дома и со соседите, покажува дека политиката и дијалогот, компромисите и дипломатските решенија носат многу придобивки. Тие создаваат внатрешна стабилност и кохезија, пријатели од соседите, партнерство со меѓународните пријатели, регионална стабилност, напредок и просперитет, вели Османи.

Шефот на македонската дипло атија за „Политика“ говори и за председавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во моментот на најтешката безбедносна и геополитичка криза од Втората светска војна, условени од агресијата на Русија врз Украина.

-Дури и во такви сложени околности, Северна Македонија посветено работи на политичкото раководење со ОБСЕ и ќе направи се за да ги заштити принципите на оваа организација. Го користиме тешко стекнатото искуство за да придонесеме за процесот на поголема стабилност и европска безбедност. Без разлика колку се вознемирувачки и обесхрабрувачки случувањата на теренот, ние продолжуваме да работиме за да избегнеме ескалација, изјави Османи.

Како претседавач со ОБСЕ, но и како министер за надворешни работи на Северна Македонија, тој ги поздрави реалните и одржливи иницијативи за решавање на проблемите, како што е напредокот во односите меѓу Србија и Косово.об/

Остани поврзан