Османи ги отфрли тврдењата на опозицијата која бара негова оставка
- Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги отфрли како лаги и невистини обвинувањата од опозицијата која бара негова оставка бидејќи на прес-конференцијата со шпанскиот министер за надворешни работи не го користел македонскиот јазик како официјален јазик на државата.
Скопје, 17 април 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги отфрли како лаги и невистини обвинувањата од опозицијата која бара негова оставка бидејќи на прес-конференцијата со шпанскиот министер за надворешни работи не го користел македонскиот јазик како официјален јазик на државата.
- ВМРО-ДПМНЕ се повеќе прераснува во шовинистичко здружение кое не ги почитува ни своите поддржувачи кога на светите празници изнесува лаги и и невистини, а уште помалку останатите граѓани кои постојано ги навредува и омаловажува ширејќи етничка омраза и нетрпеливост, напиша Османи на неговата официјална фејсбук страница.
На фејсбук статусот е закажен и линк од прес-конференцијата со шпанскиот министер за надворешни работи.
Претходно, со став излезе и Министерството за надворешни работи.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара оставка од Османи, а со осуда излезе и „Левица“.
- Бараме кривична одговорност за Османи, надлежните органи веднаш да поведат постапка и конечно во Македонија да се поведе соодветна постапка за дела против нарушување на угледот на државата како што е овој случај. Воедно, Османи веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи, тоа е најмалце што може да го направи после ваквиот недржавнички потег кој е понижувачки кон сите граѓани на Македонија. Срамен, недржавнички и понижувачки е односнот на Бујар Османи кој во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева. бак/