• вторник, 24 декември 2024

Османи: Барањето да се тргне балансерот е чиста албанофобија

Османи: Барањето да се тргне балансерот е чиста албанофобија

Скопје, 12 април 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат на европскиот фронт Бујар Османи смета дека балансерот како алатка за правична застапеност во јавните институциии е најдоброто нешто што ни се случило. Барањето од одредени партии тој да се тргне, како што вели, е чиста албанофобија и обид да се одмазди еднаквоста која се постигнува во државата.

-Балансерот е еден од суштинските инструменти на Рамковниот договор, бидејќи Уставот вели дека демографската реалност треба да се претстави во јавните институции, рече Османи во интервју за ТВ Телма.

Според него, процесот на интегрирање на Албанците во институциите требало да се одвива заедно со процесот на Македонците во текот на 75 години.

-Албанците беа исклучени од тој процес. Во 2002 година беа само 0,2 проценти во државните и јавните институции. И ние, процес што требаше да трае 75 години, го компензиравме за 25 години, нагласи Османи.

Тој во интервјуто ги демантира информациите дека неговата матична партија ДУИ имала иницијатива да го врати во земјава поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и оти тој лично имал средба со него во Будимпешта.

-Целиот страв од Груевски е страв во главите на ВМРО-ДПМНЕ, поради нивните внатрешни битки. Јас пред скоро време дознав дека тие биле во некакви си ривалски односи внатре во партијата, рече Бујар Османи, кој во моментов ја извршува и функцијата министер за надворешни работи.

ДУИ, додава тој, нема никаков интерес да го врати Никола Груевски.

-Тоа повеќе е страв во ВМРО-ДПМНЕ дека новото раководство сè уште не е доволно етаблирано во нивната структура. И кога имате страв, секогаш создавате консирации,  нагласи Османи во интервјуто. сст/ев/

ФОТО: ТВ Телма 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан