• вторник, 24 декември 2024

Осигурани над 350.000 возила за половина година, секое трето возило има зелена карта

Осигурани над 350.000 возила за половина година, секое трето возило има зелена карта

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Сопствениците на возила, во првата половина од годинава, вложиле 43,1 милиони евра во задолжително oсигурување од автомобилска одговорност и во зелена карта. Во осигурувањето за возење во странство (популарно познато како зелена карта) граѓаните и компаниите вложиле 10,2 милиони евра за шест месеци.

Осигурени се речиси 351.000 возила во периодот јануари – јуни годинава, а вкупниот број возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност лани е зголемен за 6,3 отсто во споредба со 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци од Националното биро за осигурување доставени до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Сите 12 осигурителни компании во првите шест месеци издале над 468.000 полиси за осигурување и за превземање на ризиците наплатиле 2,65 милијарди денари или 43,1 милиони евра.

Податоците на Националното биро за осигурување покажуваат дека бизнисот со осигурување од автомобилска одговорност во првата половина годинава пораснал за шест отсто во споредба со истиот период лани.

Секое трето осигурано возило има и зелен картон – осигурување кое овозможува возење во странство. Во првите шест месеци сите 12 осигурителни компании издале повеќе од 117.000 зелени карти. Бројот на издадени зелени карти лани е за два отсто помал од бројот на издадени зелени карти во истиот период лани, но, од друга страна вложувањата во зелена карта годинава се за 4,5 отсто повисоки од истиот период лани.

Минатата година, вкупно се купени 958.528 полиси за осигурување возила во земјава и во странство, а во осигурувањето од автомобилска одговорност вложени се 5,33 милијарди денари  или 86,75 милиони евра.

Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека со Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовките на процесот за либерализација на цените на автомобилското осигурување што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ. бак/ац/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан