• четврток, 26 декември 2024

Оркестарот „Осоговски извор“ добитник на плакетата „Чувари на традицијата“ на фестивалот „Пображење“ во Вевчани

Оркестарот „Осоговски извор“ добитник на плакетата „Чувари на традицијата“ на фестивалот „Пображење“ во Вевчани
Вевчани, 20 август 2021 (МИА) – Со врачување на плакетата „Чувари на традицијата“ на изворниот оркестар „Осоговски извор“ од кочанско Оризари синоќа заврши 11-тото издание на фестивалот „Пображење“ што од 16 август се одржуваше во Вевчани во организација на културно уметничкото друштво „Дримкол“. Народниот оркестар „Осоговски извор“ се претстави синоќа со своја изворна традиционална музика од изворни македонски песни и ора од Осоговскиот крај, а настап имаше и пејачката група при КУД „Соко“ од Инџија, Србија.  Во рамките на програмата беше претставено делото „Ангел чувар на Вевчани“ од ликовниот уметник Јане Бакревски. - Имавме прекрасно затворање на фестивалот. Вечер полна со радост и емоции предизвикани најпрво од големиот празник Преображение Христово, нашата слава, а потоа од песните и ората на нашите гости од Македонија и Србија, како и од ликовното дело „Ангелот чувар на Вевчани“. Задоволни сме од годинашната програма и се надевам уште поуспешни изданија во иднина, изјави Јасмина Бебекоска, програмски координатор на фестивалот. Народната култура на својата земја оваа година на сцената во Вевчани ја презентираа културно уметничките друштва „Дримкол“ од Вевчани, „Илинден“ од Струга, „Соко“од Инџија, Србија, и „Илинден“ од Демир Хисар. Преку целовечерен концерт под наслов „Приказни од чаршијата“ се претстави КУД „Илинден од Битола. Целта на фестиалот „Пображење“ е зачувување, негување, развој и афирмација на народната култура во земјава и пошироко. сс/аа/  

Остани поврзан