• сабота, 23 ноември 2024

Организацијата на потрошувачите на Македонија во европски проект „Clear-X“

Организацијата на потрошувачите на Македонија во европски проект „Clear-X“

Битола, 26 октомври 2023 (МИА) - Организацијата на потрошувачите на Македонија на промотивен настан во Битола го промовира проектот „Clear-X“ и одржа средба на тема „Потрошувачот во срцето на енергетската политика“, чија цел е обединување на организациите на потрошувачи од повеќе европски држави.

Според Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организација на потрошувачите на Македонија проектот е многу важен затоа што на потрошувачите им овозможува подобар пат кон обновливи извори на енергија и подобри сознанија и едукација за енергетска ефикасност.

- Подготвивме брошури и кампања за колективно купување на енергетски ефикасни и квалитетни инвертер клима уреди и таа допре до многу потрошувачи. Целта беше да им се овозможат подобри услови за купување на потрошувачите затоа што доколку нема субвенции или зелени кредити, потрошувачите нема да можат да направат реновирање на својот дом или да набават скапи енергетски производи. Во рамки на проектот информираме и за законската регулатива која не беше добра и затоа инсистираме за време на посетите на општините да се зголемат субвенциите, посочи Лончар Велкова.

Претседателката на ОПМ Маријана Лончар Велкова информираше за новите во Законот за потрошувачите кои се направени на барање на нивната oрганизација.

- Со новиот закон за потрошувачи, потрошувачот има право на потрошувачи приговор и тоа е новина која е во корист на потрошувачите. Новини има кај јавните услуги, како и во поглед на начинот на исклучување од користење на електрична енергија за ранливите потрошувачи. Препорачувам да се внимава при онлајн купувањето заради тоа што има неовластени продавачи и потрошувачите да не се навлекуваат затоа што за производот нема сметка ниту гаранција.

На новинарско прашање во врска со содржината на поплаките кои пристигнуваа на адреса на ОПМ, Лончар Велкова истакна дека бројот на поплаките е секогаш голем.

- Секогаш имаме голем број на поплаки посебно кога се работи за поправки на апаратите кои ги нудат понудувачите, бидејќи кај нас нема производители. Бараме поправката да не трае долго време за да не се случи штотуку купен производ, а неисправен, брзо да се сервисира без одолговлекување. Бараме инсталирањето на апарати во домовите да се врши со овластени лица и право на замена на неисправен уред ако три пати последователно се поправа, одговори Лончар Велкова, а во врска со актуелните цени на други производи таа посочи дека мерките за замрзнување на цените се донесоа пред неполн месец и како што рече, ние знаеме дека тоа е популистичка мерка, во исто време се создаде заблуда во врска со акциите за продажба и затоа ние реагиравме да се дозволи акција на производи кои се со замрзнати цени за да можеме да купуваме како потрошувачи, појасни претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова.

На промотивниот настан во Битола, проф. д-р Сања Поповска Василевска, претстави 4 брошури за ефикасно користење на енергијата, за обновливи извори на енергија, брошура за одржлив транспорт и брошура за „Како да станам потрошувач-производител“. мт/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан