• понеделник, 16 декември 2024

Орбан: ЕУ сака да ја собори унгарската Влада и да воспостави марионетски режим

Орбан: ЕУ сака да ја собори унгарската Влада и да воспостави марионетски режим

Будимпешта, 24 октомври 2024 (МИА) - Унгарскиот премиер Виктор Орбан во говорот пред илјадници поддржувачи во Будимпешта рече дека ЕУ се обидува да ја собори неговата влада и да воспостави марионетски режим во Унгарија.

Тој во средата одржа говор по повод унгарскиот национален празник во чест на антисоветското востание од 1956 година и повлече паралели меѓу историската странска окупација и современата политика на ЕУ, пренесе Њузвик.

„Независна унгарска политика е неприфатлива за Брисел. Затоа таму најавија дека ќе се ослободат од националната влада на Унгарија. Тие најавија и дека ќе формираат марионетска влада во Брисел“, рече Орбан.

„Дали ќе ја послушаме странската волја или ќе и се спротивставиме? Предлагам нашиот одговор да биде јасен и недвосмислен, исто како што беше во 1956 година“, додаде Орбан.

Унгарија во повеќе наврати ги блокираше или одложуваше мерките на ЕУ за помош на Украина и воведување санкции кон Русија, поради што критичарите го обвинија Орбан дека им дава приоритет на интересите на Русија пред интересите на нејзините сојузници во ЕУ и НАТО.

„Бриселските бирократи го воведоа Западот во бесмислена војна. Според нив, ова е војна на Западот против Русија. Сега тие сакаат отворено да ја турнат целата Европска унија во војна во Украина“, рече Орбан.

Тој исто така рече дека ЕУ планира да стационира украински војници во Унгарија по идната победа.

„Ние Унгарците ќе се разбудиме едно утро и ќе откриеме дека словенски војници од исток повторно се стационирани на унгарска територија. Ние не го сакаме тоа, но притисокот од Брисел е се посилен секој ден“, им рече тој на своите поддржувачи.

Европскиот парламент во 2022 година се изјасни дека Унгарија повеќе не може да се смета за демократија, а ЕУ ѝ ускрати финансиска поддршка од милијарди поради наводно прекршување на владеењето на правото. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан