Општина Штип распиша повик за стипендии и за еднократна парична помош за учениците
- Распишан e јавен повик за учениците од основните и средни училишта на територија на Штип за доделување на награди и стипендии согласно постигнатите резултати во учебната 2023-2024 година.
Штип, 30 октомври 2023 (МИА) - Распишан e јавен повик за учениците од основните и средни училишта на територија на Штип за доделување на награди и стипендии согласно постигнатите резултати во учебната 2023-2024 година. Снежана Санева раководител на Сектор образование во Општина Штип вели дека наградувањето ќе се одвива согласно правилникот донесен од страна на советниците во Советот на Општина Штип, а учениците ќе може да аплицираат најдоцна до 14 ноември.
-Вредноста на повикот се 500.000 денари, од нив 350.000 денари се наменети за стипендии, а 150.000 денари се наменети за еднократна парична награда. Учениците кои ќе учествуваат документите треба да ги поднесат до 14 ноември. Треба да имаат освоено награди на меѓународно и на државно ниво, изјави Санева.
Стипендиите се доделува во времетраење од 12 месеци и за нив може да конкурираат ученици кои постигнале резултати на државно и меѓународно ниво за наставните предмети кои се изучуваат, додека за еднократна парична помош може да се пријават ученици кои постигнале успех во природно математички и технички науки.
-Стипендијата која ќе ја добијат учениците ќе изнесува 3.000 денари, 2.500 и 2.000 денари месечно во траење од 12 месеци според ранг-листата која ќе се добие. Првите три ученици добиваат 3.000 денари, вторите три ученици 2.500 денари и третите 2.000 денари. Еднократната награда изнесува 30.000 денари, рече Санева.
Посочи дека еден ученик може да конкурира и за стипендија и за еднократна парична награда. вдј/ир
Фото: МИА