• понеделник, 23 декември 2024

Општина Тетово: Инспекторатот и наложи на фирмата да го отстрани фрлениот асфалт на Попова Шапка

Општина Тетово: Инспекторатот и наложи на фирмата да го отстрани фрлениот асфалт на Попова Шапка

Тетово, 18 октомври 2023 (МИА) - Раководителот на Општинскиот инспекторат Тетово Седат Сулејмани одржа прес-конференција при што информираше дека е наложено на фирмата која го отстрани асфалтот од улиците во викенд населбата на Попова Шапка да го однесе на соодветно место.

Изјавата следи по вчерашното обвинување од директорот на Националниот парк дека општината ја загрозува животната средина на Попова Шапка, што Сулејмани го оцени како политички удар за општината.

- Не бегаме од соочување со проблемите, и за разлика од директорот на Националниот парк и неговата партија, ние не се занимаваме со политика кога е во прашање Попова Шапка, туку се занимаваме со конкретна работа. Како што гледате, она што партијата на Ибрахим Дехари го ветуваше со децении, не го оствари, а ние почнавме да го реализираме. И Дехари и неговата партија никогаш не покажаа сериозност за да ги решат трнливите проблеми. Вчерашната негова реакција беше политички удар, а не реакција за проблемот што всушност се случи, изјави Сулејмани. 

Откако стигна до нас како Општина реакција за проблемот, како што рече, побаравме општинскиот инспекторат да го провери ова и веднаш да преземе мерки.

- По документирање на случајот, општинскиот инспекторат и наложи на фирмата која се занимава со реконструкција на патот, во најкраток можен рок да го отстрани сметот. И ова мора да се направи. Како општина не дозволивме ниту еден започнат проект да остане недовршен, бидејќи ова не наликува на сегашното раководство на општината, истакна Сулејмани.

Сулемајни упати повеќе прашања за нереализираните проекти од страна на централната власт на Попова Шапка. Според него, тоа било пракса на ДУИ, која, како што рече, ниту еден започнат проект не го довршила.

- Како Вие и Вашата партија дозволивте да се градат бројни хидроцентрали во овој парк за кој наводно толку се грижите? А за оваа катастрофа да биде уште поголема, зошто овие хидроцентрали во 90 отсто од случаите ги градат поранешни или сегашни функционери на Вашата партија? Дехари, како дозволивте манипулација на Вашиот министер за екологија, кој ги измами граѓаните со тоа што наводно ја чистел депонијата на Попова Шапка, а всушност само ја маскирал?, рече Сулејмани. 

Директорот на Националниот парк Шар Планина Ибрахим Дехари вчера на прес-конференција ја обвини Општина Тетово за негрижа кон природата затоа што асфалтот отстранет од улицата во викенд населбата бил оставен во природата. Тој прикажа видеоснимка на која се гледа како камион истовара градежен материјал. 

Општина Тетово на 10 октомври почна реконструкција на улиците низ викенд населбата на Попова Шапка. Градоначалникот Биљал Касами најави дека додека има временски можности ќе се работи на обнова на коловозните ленти. Низ населбата има улици со вкупна должина од 2,5 километри. Тој најави и дека општината почнува да работи на нов пристапен пат до оваа викенд населба. ас/мд/

фото: Општина Тетово 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан