• среда, 25 декември 2024

Општина Охрид ќе добие грант од Јапонската Амбасада за ново комунално возило

Општина Охрид ќе добие грант од Јапонската Амбасада за ново комунално возило
Охрид, 3 ноември 2022 (МИА) - Јавното претпријатие „Нискоградба“ ќе набави комунално возило во вредност од 60,640 евра, средства обезбедени преку грант од Јапонската Амбасада во државата. Договорот за „Грант помош на мали проекти за човекова безбедност“ денеска во Охрид го потпишаа амбасадорот на Јапонија во Република Северна Македонија Хиронори Савада и градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков. Возилото, според градоначалникот, ќе овозможи одржување на чистотата и заштита на животната средина во најголемиот туристички центар во државата. - Новото комунално возило ќе овозможи навремена санација на дефектите во канализациската мрежа. Дополнително, испуштањето на загадената вода во Охридското Езеро ќе биде намалено за околу 40 проценти со што ќе се заштити неговата флора и фауна. Општина Охрид има седум пумпни станици и 175,84 км канализациска мрежа. Бројот на дефекти во последните години бележи зголемување, најчесто поради цврст отпад кој се собира во канализациката мрежа, рече Пецаков. Со новото комунално возило, како што забележа амбасадорот Савада, дефектите во канализациската мрежа ќе се санираат ефикасно и навремено. - Дефектите во канализациската мрежа ќе се санираат ефикасно и навремено. Со тоа загадувањето на Охридското Езеро ќе биде намалено за 40 отсто и ќе се зголеми заштитата на животната средина. Охридското Езеро и регионот се наше светско природно и културно наследтво, но, за жал се загрозени и треба меѓународната заедница да му помогне да го задржи овој статус. Се надевам дека и во иднина ќе можеме да го поддржиме секторот за заштита на животна средина и неговите капацитети, рече Савада. Директорот на ЈП „Нискограба“ Александар Трпеноски нагласи дека возилото ќе овозможи поефикасно работење на претпријатието и навремено санирање на дефектите. - Со употреба на новото возило ќе се намалат трошоците за одржување на старите дотраени возила во висина од 48 отсто, а би се намалило и загадувањето на Охридското Езеро што ќе придонесе и за негова заштита. Граѓаните на Охрид нема да бидат изложени на ризик од заболувања поради загадување со фекалии во своите дворови, домови и улици, рече Трпеноски. сс/сст/  

Остани поврзан