• вторник, 24 декември 2024

Општина Новаци ангажира невработени лица преку проектот „Ранливи категории 3“

Општина Новаци ангажира невработени лица преку проектот „Ранливи категории 3“
Новаци, 15 јуни 2022 (МИА) - Општина Новаци ќе ангажира шест невработени лица кои ќе се грижат за стари и изнемоштени лица во домашни услови. Станува збор за проектот „Ранливи категории 3“ од Програмата Општинско корисна работа на УНДП, АВРМ и МТСП. - Овој деветмесечен проект почнува од 1 септември и ќе трае до 31 март следната година. Во рамки на проектот ќе бидат ангажирани шест долгорочно невработени лица за грижа на стари и изнемоштени лица во домашни услови. Четири лица се финансирани од УНДП, додека две лица се целосно финансирани од буџетот на Општина Новаци, информира градоначалникот Стевче Стевановски. Од тамошната локална самоуправа посочуваат дека „Општинско корисна работа“ претставува програма која на тешко вработливите лица им нуди можност за социјално вклучување преку работни ангажмани со скратено работно време. Општина Новаци до крајот на месец мај го имплементираше претходниот проект  од оваа програма насловен како „Ранливи категории 2“ со кој беа ангажирани два логопеди кои работат на корекција на гласовните пречки во говорот  на децата во прво и трето одделение во ООУ „Славко Лумбарковски“ и дечињата од детската градинка „Бамби“ од Новаци. мт/сп/

Остани поврзан