• сабота, 23 ноември 2024

Општина Куманово со три проекти аплицираше на јавниот повик за капитални инвестиции

Општина Куманово со три проекти аплицираше на јавниот повик за капитални инвестиции

Куманово, 18 септември 2024 (МИА) - Инфраструктурно уредување на зоната во Речица, изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа и изградба на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ се трите проекти со кои аплицираше општината Куманово на владиниот повик за развој на општините, информираа денеска надлежните од секторот за комунални дејности.

- Изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, изградба на дел од внатрешни сообраќајници, воспоставување на режим на сообраќај и осветлување на дел внатрешни сообраќајници во индустриската зона. Проектот за општината е еден од клучните и е од значење за економскиот развој на општината. Таму веќе функционираат неколку домашни и странски компании, изјави раководителката на Секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска.

Куманово аплицира и за изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа кон Доброшане каде функционира индустриска зона со клучни кумановски компании кои ја движат локалната економија. Индустриските капацитети се клучни за приклучување на гасоводната мрежа од аспект на намалување на нивните производни трошоци и зголемување на конурентноста, но и од аспект на намалување на аерозагадувањето во градот.

Последниот проект е изградба на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ каде поради конфигурацијата на теренот при пообилни дождови се слева вода.

- Вкупната вредност на проектите е околу четири милиони евра со вклучен данок на додадена вредност. За точната вредност на секој проект ќе се знае откако ќе се спроведе јавна набавка за избор на најповолен економски оператор за реализација на истите, изјави Ланг Спасовска.

Јавниот повик за прибирање на апликации заврши. ам/дма/


Фото: МИА и општина Куманово

Остани поврзан