• четврток, 15 јануари 2026

Општина Куманово воведе дополнителни термини за неколку линии од градскиот превоз

Општина Куманово воведе дополнителни термини за  неколку линии од градскиот превоз

Куманово, 13 јануари 2026 (МИА) - Општина Куманово, сектор за комунални работи, денеска ги информираше граѓаните кои користат бесплатен превоз дека има промени во возниот ред за пет линии.

- Се известуваат граѓаните на Куманово за промените во возниот ред за општинските линии на јавен превоз. По барање на граѓаните воведени се дополнителни термини на линија бр. 3, линија бр. 5, линија бр. 8, линија бр. 9 и линија бр. 19, информираа од Општината.

Оттаму наведуваат дека се воведени дополнителни термини кои ќе ги користат кумановци кои претходно реагираа дека во одредени периоди од денот има метеж и турканици во автобусите, дека дел од сограѓаните ја злоупотребуваат мерката, се возат постојано, создаваат метеж. Дополнителните термини се воведени за поголемите приградски населби.

Општина Куманово на последната седница одвои 45 милиони денари за 25 линии, вклучително и превозот кон Старо Нагоричане, за кој се одвоени четири милиони денари. Советниците ја изгласаа одлуката со која се овозможува бесплатен превоз наредните шест месеци, заклучно со 30 јуни годинава. Општина Куманово ја донесе мерката во услови на економска и енергетска криза и целта беше да се намалат трошоците на семејните буџети, како и намалување на сообраќајниот метеж. Општината ја правда одлуката дека голем број граѓани ја користат мерката која се покажала како оправдана особено за заштеда во семејниот буџет на самите корисници.

Опозицијата реагираше дека мерката воопшто не е бесплатна и е на товар на самите граѓани, дека е прескапа и, како што кажаа, заради бесплатниот превоз не можат да се реализираат капитални инвестиции од други сегменти, канализација, водовод, осветлување, патишта. Советниците кажаа дека не се против субвенционирање на одредени категории граѓани, како што се студенти, пензионери, лицата со пониски примања и побараа детален преглед за број на патници. ам/мд/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан