• понеделник, 23 декември 2024

Општина Крива Паланка прва на Балканот со Статут на знаковен јазик

Општина Крива Паланка прва на Балканот со Статут на знаковен јазик

Крива Паланка, 29 мај 2024 (МИА) - Општина Крива Паланка е прва општина на Балканот со Статут пристапен за лица со попречености, прилагоден на знаковен јазик и достапен на веб-страната на општината. 

- Статутот на Општина Крива Паланка е прв во државата во приcтапен формат за лица со попречености, преведен на знаковен јазик и со Брајово писмо, а овој пример треба да го следат и другите општини и да ни овозможат нам, лицата со попречености да чекориме заедно низ процесот на остварување на сите наши права, рече Бранкица Димитровска, претседателка на Здружението за лица со попреченост „Хендикеп плус“ што го изработи Статутот во пристапен формат, во рамки на проектот „Пристапна и отворена општина“, финансиран од Бугарската помош за развој.

На настанот за промоција присуствуваше и Амбасадорот на Бугарија во РС Македонија, Ангел Ангелов, кој порача дека е горд на здружението „Хендикеп плус“ кое со овој втор проект поддржан од Бугарската помош за развој прави прогрес.

-Тие се пример во државата за интеграција на лицата со попречености, што е чекор кон европеизација на државата, рече Ангелов.

На денешниот настан претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска потпиша Меморандум за соработка со неформалниот Совет на лица со попреченост, предводен од Бранкица Димитровска, со цел продлабочување на соработката и унаредување на правата на лицата со попреченост во Крива Паланка.

-Со овој меморандум кој е само формален, ние како и досега ќе им бидеме на располагање на лицата со попреченост во општината. Сѐ што можеме, согласно буџетот, со мерките и програмите што ги носиме и надвор од тоа, ќе учиме заедно едни за други и ќе си помагаме за подобро живеење во заедницата, рече Павловска.

Димитровска рече дека ова го остава како дело, влог во заедницата за идни генерации, како што луѓето оставаат свој пород за иднината.

-Ова ми беше зацртана цел, Крива Паланка да биде прва во Македонија и на Балканот со пристапен, достапен и отворен статут и политики, и навистина ми е гордост. Уште денес, по меморандумот поднесуваме иницијатива за формирање посебен буџетски фонд за лица со попреченост, што ќе го надгледува Советот за лица со попреченост, надвор од програмите за труд и социјала. Работевме макотрпно со Елена Кочовска и целиот проектен тим и сум горда на тоа што го направивме. Се надевам дека секој град ќе изрази иницијативи за прилагодување на Статутите на општините, порача Димитровска. ид/ев/

ФОТО: МИА

 

Остани поврзан