• сабота, 27 јули 2024

Општина Крива Паланка додели плакети за најдобрите за 2023 во повеќе области

Општина Крива Паланка додели плакети за најдобрите за 2023 во повеќе области

Крива Паланка, 28 декември 2023 (МИА) – Општина Крива Паланка денес додели плакети за најуспешните работници и поединци во текот на 2023 година, во повеќе области.

Плакетите ги доделија градоначалникот, Сашко Митовски и претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска.

- Честитки за добитниците на признанијата-најуспешни во 2023 година. Овие признанија нека претставуваат поттик за поголема лична мотивација, пожртвуваност, одговорност и посветеност кон работните задачи, а ваквиот принцип на работа да се применува во секој момент и да се покаже на дело во средината во која работиме и живееме, истакна градоначалникот Митовски.

Традиционално, плакети беа доделени за најуспешен пожарникар, најдобар полициски службеник, најдобар комунален работник од ЈП „Комуналец“, додека по првпат годинава беа доделени плакети за: најдобар воспитувач од градинката „Детелинка“, најдобар спортист и најдобар земјоделец во општина Крива Паланка за 2023 година.

Митовски нагласи дека заложбите и професионалноста во извршување на работните задачи, во работата и областа во која се најдобри, се гордост и на општината но и на нивните работни колективи, тимови и на колегите.

Признанија добија: Драган Маџовски – најуспешен пожарникар од ТППЕ Крива Паланка, Даниел Младеновски, најдобар полициски службеник од ПС ОВР Крива Паланка, Мане Ѓоргиевски – најдобар комунален работник во ЈП Комуналец, Лидија Златановска, најдобар воспитувач од ОЈУ детска градинка „Детелинка“, Вукашин Јовановиќ, најдобар млад спортист и Габриела Стојановска – најдобар земјоделец за 2023 година. ид/ир

Фото: Општина Крива Паланка

Остани поврзан