• понеделник, 18 ноември 2024

Општина Кисела Вода ќе ги субвенционира сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства

Општина Кисела Вода ќе ги субвенционира сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства
Скопје, 15 август 2022 (МИА) - Општина Кисела Вода ќе ги субвенционира сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства, објави на Фејсбук градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. - Објавен е јавниот повик со критериумите, на кој од денес, во наредните 15 работни денови можат да аплицираат ранливите категории-социјално загрозени семејства, самохрани родители и деца без родители, напиша Ѓорѓиевски. Општина Кисела Вода, додава, обезбеди донација од приватна компанија за субвенционирање на дел од сметките за потрошена електрична енергија на социјално загрозените семејства. Се работи за сума во износ од 1.200.000 денари, односно по 100.000 денари во текот на дванаесет месеци, кои ќе бидат наменети на оние на кои најмногу им е потребна помош. - Ги повикувам сите наши жители кои ги исполуваат условите да ја поднесат потребната документација до Архивата на општина Кисела Вода, како би можеле да го остварат правото на овие финасиски средства. Изборот ќе го врши повеќечлена комисија, а подносителите ќе бидат известени во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката за распределба на средствата. Јавниот повик со критериумите за учество и потребната документација е достапен на општинската веб-страница, вели Ѓорѓиевски. Паралелно со оваа социјална мерка, oпштина Кисела Вода, потенцира градоначалникот, интензивно работи на подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани, со посебен акцент врз најсиромашното население. - Проектот „Храна за сите“, преку кој беа обезбедени хуманитарни пакети за економски немоќните семјества, ќе продолжи и понатаму, а од септември, сите семејства кои имаат првоодделенче, од општината ќе добијат училишна чанта со тетратки и прибор. Со проектот „Ранче за секое прваче“ се опфатени сите 625 првачиња од овој дел на градот, се вели во фејсбук-статусот на Ѓорѓиевски. мс/са/    

Остани поврзан