• сабота, 23 ноември 2024

Општина Зрновци ќе ги решава водоснабдувањето на Мородвис и фекалната канализација во Видовиште

Општина Зрновци ќе ги решава водоснабдувањето на Мородвис и фекалната канализација во Видовиште
Кочани, 10 февруари 2022 (МИА) – Во Општина Зрновци во тек се подготвителни активности за решавање на водоснабдувањето на селото Мородвис, како и за третман на отпадните води од фекалната канализација во селото Видовиште. Исто така, се подготвува и техничка документација за подобрување на водоводната мрежа во општинскиот центар, како и неколку други инфраструктурни зафати за трите населени места. - За селото Мородвис се подготвува документација за изградба на каптажа за водоводната мрежа, со оглед што жителите со години имаат проблеми со водоснабдувањето, особено во летниот период. Презедовме обврска тој проект да го реализираме со наши буџетски средства, а во соработка со комуналното претпријатие „Водна кула“. За Видовиште се прави документација за пречистителна станица за отпадни фекални води, бидејќи таму канализацијата завршува во Видовишка Река, со што таа се загадува, а местото е потенцијална опасност за заразни заболувања. За селото Зрновци се изготвува техничка документација за дополнителен резервоар за вода за пиење, со што ќе се реши недостигот во повисоките зони, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Зрновци. При крај е изработката на документација за простор надвор од опфатот на урбанистичкиот план за селото Зрновци, а со која ќе се гради канализациски колекторски цевковод со пречистителна станица за отпадни води. Инвеститор на техничкиот проект е локалната самоуправа, а нарачател на проектната документација е УНДП.та/фф/

Остани поврзан