• сабота, 23 ноември 2024

Општина Зрновци иницира постапка за обезбедување логопедска поддршка за децата во претшколско и основно образование

Општина Зрновци иницира постапка за обезбедување логопедска поддршка за децата во претшколско и основно образование

Кочани, 27 септември 2024 (МИА) – Локалната самоуправа на Општина Зрновци иницира постапка за обезбедување логопедска поддршка за децата во претшколска возраст и за учениците во основното образование, бидејќи во образовните институции во општината нема логопед.

Стручните служби во детската градинка и во основното училиште во Зрновци констатирале зголемена потреба од стручно лице кое ќе им помага на дечињата за правилно изговарање на одредени гласови и надминување на пречки при зборувањето. 

– При последниот систематски преглед е утврдено дека од 12 дечиња дури на седум им е потребна логопедска помош, што е голем број. Дел од родителите немаат финансиска можност да ги носат децата кај приватен логопед во Кочани, а за користење на услугата преку „Мој термин“ во јавната здравствена установа тешко се доаѓа до слободен термин. За да излеземе пресрет на барањата на градинката и училиштето, ние како локална самоуправа имаме два начина да ја обезбедиме ваквата помош. Едниот е да ангажираме логопед кој веќе е вработен, па со договор за работа преку авторска агенција прекувремено да работи и кај нас. Вториот начин е ако најдеме невработен логопед да го ангажираме преку агенција за привремено вработување, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Приоритет во ангажирањето на логопед треба да имаат дечињата во детската градинка, за да може на што помала возраст да се работи со нив и да се отстранат пречките во говорот.

На денешната седдица на Советот на Општината, градоначалникот Коцев истакна дека во текот на октомври ќе се преземат соодветни мерки за да се обезбеди стручната поддршка. Начинот на кој тоа ќе се спроведе ќе зависи дали ќе се најде невработен логопед или ќе се ангажира некој кој што веќе е вработен, а во Зрновци би доаѓал по редовното работно време. та/ра

Фото: МИА

 

Остани поврзан