• понеделник, 23 декември 2024

Општина Градско го одбележа Денот на Општината - 16 Декември

Општина Градско го одбележа Денот на Општината - 16 Декември

Велес,17 декември 2023 (МИА) - Со Свечена Академија во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Градско беше одбележан  16-ти   Декември - Денот на Општина Градско. На свеченоста пред голем број присутни меѓу кои градоначалници на соседните општини и поранешни градоначалници на Градско, се обрати градоначалник на Општината Киро Нацков. 

-Во изминатите две години работевме многу во сите населени места. Изградивме по неколку улици во Ногаевци, Градско, Виничани и Водоврати. Ја асфалтиравме обиколницата, реконструиравме дел од локалниот пат Градско-Долно Чичево, информира Нацков.

Тој потенцира дека развојот на спортот е еден од приоритетите на општината и во насока за подобри услови на младите за спортување, годинава подлога од тартан била поставена на игралиштата во Водоврати и Виничани. Информира дека на фудбалерите им се приклучиле и кошаркарите и првпат во Општината бил организиран Кошаркарски турнир 3x3.

Градоначалникот Нацков информира дека за учениците од прво до петто одделение обезбедиле бесплатен оброк, а претстојот на децата во градинката во Градско е целосно на товар на општинскиот буџет, како и стипендирање на најдобрите основци и средношколци. Со цел да го стимулираат наталитетот во општианта, додаде тој, доделуваат и еднократна помош за секое новороденче.

За пензионерите, крводарителите и земјоделците обезбедиле бесплатен превоза за највозрасните жители, дружење во нивните простории, а биле организирани и екскурзии со поддршка на општината. За лицата со попреченост го подржуваат проектот за персонални асистенти со што создаваат услови за нивна целосна инклузија согласно Локалната стратегија, а во соработка со невладиниот сектор.

Тој за следната 2024 година најави реконструкција на неколку улици во Градско и во населбата Стопанство, реконструкција на локалниот пат до село Виничани, како и изградба на модерен парк со хортикултурно уредување во Градско. За потребите на ЈКП „Клепа“ најави дека ќе бидат набавени три специјални машини, а воедно ќе продолжат и со подршка на ранливите групи на жители и грижата за здравјето на сите жители.

На свеченоста беа врачени и признанијата 16-ти Декември. За вкупниот придонес за афирмација на Општина Градско, општината со Плакета 16 Декемри за 2023 година го награди Заим Шкријељ, заменик командант на македонското воздухопловство, полковник во пензија и вонреден професор за студентите на Воената академија. Досега има добиено високи државни награди

-Јас сум горд што потекнувам од тука и секаде каде работев и се школував ја афирмирав Општина Градско. Воедно и секаде каде што патувам го афирмирам моето Градско, затоа и странците знаат каде е Градско, многумина сум носел во Градско и околината. Оваа признание да го добиеш и твојата општина да не те заборави за мене многу значи, потенцира Шкријељ во изјавата за МИА.

Благодарница 16 - Декември добија и Расадникот за цвеќиња „Славеви“, Горан Ѓорѓијевски успешен производител на мед во подножјето на планината Клепа и Ристо Велиновски од село Виничани сопственик на „Фармата на Тео“ кој со семејството веќе пет години е произодител на магарешко млеко кое е многу ценето поради здравствените придобивки од неговата консумација.

Свеченоста беше збогатена со уметничка програма со настап на Лидија Кочовска, Влатко Груевски и Андреј Наунов.

Инаку во петокот Општината Градско организира Детски мини маратон на кој учествуваа 150 деца од ООУ „Даме Груев“ и Градинката „Кокиче“ од Градско, сите добија медал за учество, а најдобрите тројца и скромни подароци.

На шеталиштето во Градско беше одржан и вториот Базар на домашни производи, здрава храна, винопроизводство, производство на мед, млечни производи и магарешко млеко, како и ученички ракотворби и уметнички слики изработени од ученици. Насловен „Срцето на Македонија“,  базарот и покрај студеното време имаше многу посетители кои вкусија од еколошки здравата храна и домашни специјалитети изработени од домаќинките од поширокиот регион на Опшина Градско. ад/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан