• понеделник, 23 декември 2024

Општина Атина лансираше мобилна апликација за безбедност на жителите

Општина Атина лансираше мобилна апликација за безбедност на жителите

Атина, 4 декември 2024 (МИА) – Преку новата мобилна апликација „Safe Athens“, што ја лансираше општина Атина, жителите ќе можат брзо да пријават потенцијални опасности или природни катастрофи со кои би можело да се соочат во секојдневниот живот и да ја известат полицијата или нивните најблиски, јави дописничката на МИА од Атина.

Од општина Атина соопштија дека станува збор за иновативна апликација, со која справувањето со опасност ќе се врши со „притискање на едно копче“, а воедно е и прва во Грција наменета и за глувите граѓани.

„Safe Athens“ е достапна за оние кои живеат во границите на општина Атина, односно поширокиот центар на градот, а корисниците ќе можат или преку смс или преку нотификација да испраќаат известувања до нивните блиски контакти, информирајќи ги за локацијата со следење во живо, но и до полицијата во случаи да бидат нападнати, исто така со конкретната локација.

Дополнително корисникот ќе може да активира аларм, кој ако остане активен 30 секунди, автоматски испраќа СМС-порака или нотификација до избраните контакти заедно со локацијата.

Градоначалникот на Атина Харис Дукас истакна дека „безбедноста е неотуѓиво право на секој граѓанин“ и во оваа насока е апликацијата која „обезбедува бесплатен комплетен дигитален заштитен штит“. ср/

Остани поврзан