• среда, 27 ноември 2024

Општина Аеродром: Правно лице казнето со 10 илјади евра за палење отпад, никој нема да биде поштеден

Општина Аеродром: Правно лице казнето со 10 илјади евра за палење отпад, никој нема да биде поштеден

Скопје, 27 септември 2024 (МИА) - Општина Аеродром изрече парична казна во висина од 10 илјади евра на правно лице за палење отпад на отворен јавен простор.

-Имено, при вонреден инспекциски надзор извршен на 24 септември на бул. „Видое Смилевски-Бато“ бр. 13, е затекнат отпад од остатоци од градежни материјали што бил спален од страна на фирма подизведувач во градежни активности, информираат од Општина Аеродром.

Од Општината појаснуваат дека станува збор за повреда на Законот за управување со отпадот, поради што Одделението за инспекциски работи изрече глоба за правното лице во висина од 10 илјади евра во денарска противвредност.

-Општина Аеродром апелира до физичките и до правните лица да не прават вакви прекршоци, со кои се предизвикува загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето. Токму затоа, секое вакво однесување ќе биде ригорозно казнувано, се вели во денешното сооштение од Општина Аеродром. 

Од Општината ги повикуваат жителите доколку забележат несовесно однесување, веднаш да пријават кај општинските служби, затоа што, како што велат, само на тој начин ќе можат сите заедно да си ја зачуваат околината во која живеат, работат и во која ги одгледуваат децата. сст/дма/

фото Општина Аеродром

Остани поврзан