Определени коефициентите за утврдување на платите на претседателот и членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
- Членовите на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата денеска без дискусија со осум гласови „за“ и ниту еден против и воздржан го определија коефициентот за утврдување на
Скопје, 18 февруари 2021 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата денеска без дискусија со осум гласови „за“ и ниту еден против и воздржан го определија коефициентот за утврдување на платата на претседателот и на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Платата на претседателот ќе се пресметува по коефициент 3, а платата на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по коефициент 2.7.
Претседателот на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата Костадин Костадинов истакна дека ова собраниско тело е надлежно за одредување на коефициентите за утврдување на плата на претседателот и на членовите на Комисијата согласно Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица.
-Во Законот за спречување и заштита од дискрминација е утврдено дека членовите имаат статус на именувани лица кои функцијата ја извршуваат професионално и таа не е споива со извршување друга јавна функција, професија или функција во политичка партија. Тие имаат право на плата и други надоместоци во согласност Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица, рече Костадинов.
Тој појасни дека во овој Закон е утврдено дека коефициентите за утврдување на платата да изнесуваат од 2.20 до 4.50 и додаде дека во рамки на тие определени коефициенти се утврдува коефициентот за секоја функција.
-Комисијата за прашањата на изборите и именувањата предлага коефициентот за пресметка на плата на членовите на Комисијата да биде 2,7, а на претседателот на Комисијата по коефициент 3, рече Костадинов.
Тој потсети дека со оглед на тоа што оваа Комисија секоја година треба да бира претседател од редовите на своите членови, за тоа редовно треба да го извесува Собранието и Комисијата за прашањата на изборите и именувањата.
Законот за спречување и заштита од дискриминација беше донесен лани во октомври, а минатиот месец беа избрани и членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Со Законот се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Дискриминација, согласно Законот, е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.
Законот ќе се применува и во приватната, и во јавната сфера, и во одредбите од Законот експлицитно се наведени областите каде не смее да има дискриминација. сст/дма/