Опозицискиот лидер Џон Махама победи на претседателските избори во Гана
- Изборната комисија на Гана го прогласи Џон Драмани Махама од опозициската партија Национален демократски конгрес (НДЦ) за победник на претседателските избори одржани во саботата на 7 декември.
Акра, 10 декември 2024 (МИА) – Изборната комисија на Гана го прогласи Џон Драмани Махама од опозициската партија Национален демократски конгрес (НДЦ) за победник на претседателските избори одржани во саботата на 7 декември.
Поранешниот претседател (2012-2016) победи на изборите со 56,55 отсто од сите дадени валидни гласови.
Информацијата ја соопшти претседателката на комисијата, Жан Менса, заедно со нејзините заменици и други членови на седумчлената комисија.
На настанот присуствуваа претставници на претседателските кандидати, локални и меѓународни набљудувачи, членови на дипломатскиот кор, директори и претставници на комисијата.
- Имам посебна чест како одговорна по пребројувањето на гласовите од претседателските избори во 2024 година да го прогласам неговата екселенција Џон Драмани Махама за победник на претседателските избори во 2024 година и за избран претседател на Република Гана со вкупен процент од 56,55 отсто, изјави таа.
Потпретседателот Махамуду Бавумиа од владејачката Нова патриотска партија (НПП) во неделата наутро му се јавил на Махама за да му честита, признавајќи дека внатрешното пребројување на гласовите во неговата партија покажало јасна победа за Махама.
Бавумиа освои 41,6 проценти од важечките гласови.
НДК, исто така, освои огромно мнозинство во 276-члениот парламент.
По објавувањето на резултатите, Џон Драмани Махама ќе положи заклетва на 7 јануари 2025 година.
На претседателските избори сепак, имаше низок одѕив на гласачите од 60,9 проценти врз основа на резултатите од 267 изборни единици.
Гана се врати на повеќепартиската демократија во 1992 година. и оттогаш спроведе девет избори, при што власта три пати премина во рацете на опозициските партии.
Ова ќе биде четврта мирна транзиција. јт/
Фото: ЕПА