• сабота, 23 ноември 2024

ОН: Озонската обвивка постепено се обновува

ОН: Озонската обвивка постепено се обновува

Денвер, 9 јануари 2023 (МИА) – Озонската обвивка полека, но забележливо се обновува, и со таа брзина, „озонската дупка“ над Антарктикот, каде што слојот е најтенок, целосно би се пополнил за околу 43 години, се наведува во новиот извештај на Обединетите нации.

Научната проценка која се спроведува на секои четири години покажува дека заштитниот слој се опоравува, повеќе од 35 години по глобалниот договор да не се користат хемикалии кои ја еродираат озонската обвивка, која го штити животот на Земјата од штетното ултравиолетово зрачење.

Научниците и еколозите ги поздравуваат како една од најголемите еколошки победи на човештвото напорите за намалување на „озонските дупки“ кои произлегуваат од договорот од 1987 година наречен Монтреалски протокол со кој се забрануваат одредени хемикалии.

Озонската обвивка се протега во долниот слој на стратосферата од околу 10 до 50 километри над Земјата. Нејзината дебелина варира во зависност од локацијата и годишното време.

„Озонските дупки“ кои се појавуваат во неа се предизвикани од влијанието на одредени гасови кои луѓето ги користат.

Во извештајот се вели дека напредокот е бавен, а просечната концентрација на озон на височина од 30 километри во атмосферата ќе се врати во „нормала“ околу 2040 година, на Арктикот до 2045 година.

На Антарктикот, каде што озонската обвивка моментално е најтенка, слојот нема да се обнови до 2066 година, се вели во извештајот. јт/

Остани поврзан