ОН: Кризата во Ормуската Теснина може да предизвика глобална катастрофа во земјоделството
- Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) предупреди дека продолжената криза во Ормуската Теснина би можела да предизвика глобална катастрофа во земјоделството поради прекини во извозот на ѓубрива и енергија, зголемување на цените на храната и намалени приноси на културите, јави „Скај њуз“.
Рим, 14 април 2026 (МИА) - Обединетите нации соопштија дека кризата во Ормуската Теснина може да предизвика глобална катастрофа во земјоделството.
Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) предупреди дека продолжената криза во Ормуската Теснина би можела да предизвика глобална катастрофа во земјоделството поради прекини во извозот на ѓубрива и енергија, зголемување на цените на храната и намалени приноси на културите, јави „Скај њуз“.
Во соопштението се наведува дека најсиромашните земји ќе претрпат најмногу поради намаленото земјоделско производство, инфлацијата и побавната глобална економија. ФАО го издаде предупредувањето неколку часа откако почна американската поморска блокада на иранските пристаништа.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се закани дека секој ирански брод што ќе се приближи до американската блокада на Ормуската Теснина ќе биде уништен.
- Иранската морнарица лежи на дното на морето, целосно уништена - 158 брода. Она што не го погодивме беше нивниот мал број од она што тие го нарекуваат „брзи напаѓачки чамци“ бидејќи не ги сметавме за голема закана. Предупредување: Ако некој од овие бродови се приближи до нашата блокада, тој веднаш ќе биде елиминиран - напиша Трамп на својата социјална мрежа „Тру соушал“ кратко по почнувањето на американската блокада на Ормуската Теснина.
Трамп претходно соопшти дека САД ќе ги блокираат бродовите што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа почнувајќи од 10 часот по источно време (16 часот по средноевропско време) денеска.
Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) соопшти дека блокадата ќе се однесува на сите пловила што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа и крајбрежни области, вклучително и оние во Арапскиот и Оманскиот Залив, и ќе се спроведува, без оглед на земјата на потекло на пловилото. јт/мс/
Фото: МИА архива