• среда, 27 ноември 2024

ОН: Израелците ги злоставуваат палестинските затвореници во Газа

ОН: Израелците ги злоставуваат палестинските затвореници во Газа

Женева, 19 јануари 2024 (МИА) – Високиот претставник на ОН за човекови права во Газа, Аџит Сунгај, го обвини Израел за злоставување на палестински затвореници во Појасот Газа, велејќи дека запознал луѓе кои му кажале дека со недели биле држени во заробеништво, биле тепани и чувани со врзани очи, а некои биле пуштени само во пелени.

Сунгај на новинарите во Газа им соопшти дека не се знае точниот број на притворени Палестинци од почетокот на воената операција на Израел во Појасот Газа, што почна по нападот на Хамас врз југот на земјата на 7 октомври, но додаде дека станува збор за илјадници.

-Тоа се луѓе кои израелските безбедносни сили ги држеле во заробеништво на непознати локации 30 до 55 дена, изјави Сунгај на новинарите во Женева, преку видео врска од Појасот Газа.

Претставникот на ОН кажа дека штотуку се сретнал со ослободените затвореници во опколената енклава. 

-Има извештаи за ослободување мажи, но само во пелени, без соодветна облека на ова студено време, откри тој дел од сведоштвата на заробените луѓе.

Израелската војска и владата не беа достапни за првичен коментар за обвинувањата на Сугај. 

Канцеларијата на портпаролот на израелската војска претходно соопшти дека израелските сили ги третираат затворениците во согласност со меѓународното право и дека тие често мора да ја предадат облеката за да се провери дали има оружје или експлозив. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан