• понеделник, 23 декември 2024

Онлајн состанок на претставници на малцинствата од Западен Балкан

Онлајн состанок на претставници на малцинствата од Западен  Балкан
Дебар, 28 јануари 2023 (МИА) -  Претседателот на македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, учестуваше на состанокот преку интернет врска, заедно со претставници на повеќе национални малцинства од Западен Балкан.
- Нашето друштво,  како член на Федералната Унија на Европските Националности (ФУЕН) од 2015 година истовремено е дел на работната група на словенските малцинства. Во тоа својство учествував на состанокот одржан во функција  на  подготовките и одржувањето на голема конференција за малцинствата во 2023 година, изјави Ѓурѓај за МИА.
Додава дека како во секоја пригода, така и на овој состанок, ги презентирал проблемите со кои се соочува македонско национално малциство во Република Албанија, на полето на образованието, состојбата на македонското население после изгласувањето на несоодветната територијална поделба и други проблеми.
- На состанокот, преку интернет врска, беа поврзани учесници од Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Разменивме идеи околу можните теми за планираната конференција, која начелно е закажана за април 2023 год. Се сондираше мислење за тоа со какви предизвици и проблеми се соочуваат националните малцинства во нивните земјите. Какви достигнувања и развој има постигнато секое малцинство, а се разговараше и за тоа позитивните искуства да се споделат со другите малцинства.
Меѓу темите како најзастапени биле: територијалните реформи, асимилацијата, образованието, учеството и реакциите во врска со резултатите од соодветните пописи, финансирањето на активностите на малцинствата итн. 
- Тоа се теми, кои треба да бидат застапени на идната конференција бидејќи ги засегаат сите малцинства од Западен Балкан, а од која треба да се очекуваат сериозни заклучоци и препораки за земјите од Западен Балкан, посочува Ѓурѓај. вт/вг/

Остани поврзан