• вторник, 10 март 2026

„Онкологија 2“: Смичковска сведочеше дека Васев потпишувал терапии, но не се мешал во лекувањето

„Онкологија 2“: Смичковска сведочеше дека Васев потпишувал терапии, но не се мешал во лекувањето

Скопје, 10 март 2026 (МИА) — Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“ со сослушување на сведокот д-р Снежана Смичковска од Универзитетската клиника за радиологија и онкологија (УКРО).

Смичковска, пред Судот потврди дека нејзината медицинска сестра секое утро ги доставувала историите на болест на потпис до тогашниот директор на Клиниката Никола Васев, како и дека тој не се мешал директно во нејзиното лекување. 

На прашање од адвокатот Дељо Кадиев, бранител на првообвинетиот Васев, за тоа во какви односи е со поранешниот директор на Клиниката, Смичковска рече дека не биле во конфликт, но дека немала контакт со него во последните години.

– Не сме скарани, меѓутоа немавме контакт последните години бидејќи јас не се согласував со начинот на водење и директорување. Тоа беше тоа, без никакви други непријатности – рече Смичковска.

На прашање на Кадиев дали уште пред Васев да биде директор на УКРО било потребно целата биолошка терапија да биде потпишана и од поранешниот директор, Смичковска рече дека не се сеќава на таква практика, ниту, пак, на тоа кој бил директор.

Прашања до сведокот постави и обвинетиот Васев, осврнувајќи се на наводите од Фондот за здравствено осигурување за паралелен систем за водење евиденција. На неговото прашање дали ракописот со сино пенкало на медицинските истории, кои биле носени за потпис за биолошка терапија, припаѓа на друго лице, таа кусо одговори „да, некој го напишал“, за што на дополнително прашање од Васев дали ракописот е нејзин, Смичковска рече дека таа не го напишала текстот.

– Јас не сум го напишала, може е сличен, може некој го копирал – рече Смичковска.

Таа се согласи и со тврдењето на Васев дека терапијата му била носена на потпис и дека тој не се вмешувал директно во лекувањето на пациентите во одделението.

Адвокатот Боби Спирковски постави прашање до сведокот во врска со нејзиното вештачење во поврзана постапка, потсетувајќи дека таа е вештак со лиценца од областа на онкологијата и радиотерапијата и укажувајќи дека согласно Законот не смеела да прифати вештачење во постапки против колеги од УКРО со кои е во работен однос.

Судот прифати приговор на обвинителството и не го дозволи прашањето, образложувајќи дека станува збор за друга постапка и дека сведокот е повикан исклучиво во својство на сведок за препишана терапија, а не како вешто лице.

Со оглед дека е потребно обвинителството и одбраната да се подготват за изведување писмени и материјални докази, судот донесе решение расправата да продолжи на 24 март 2026 година.

Во случајот „Онкологија 2“, Никола Васев и Нехат Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.

Покрај овој предмет, во тек е и постапката „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти. ра/дма/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан