• понеделник, 23 декември 2024

ОКТА го претстави дигитализираниот тест мотор за испитување на цетански број на дизел горивата

ОКТА го претстави дигитализираниот тест мотор за испитување на цетански број на дизел горивата

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) - АД ОКТА денеска ја презентираше најновата инвестиција за обезбедување на највисоки стандарди за квалитетот на горивата. Станува збор за дигитализираниот тест мотор за испитување на цетанскиот број на дизел горивата сместен во акредитираната Лабораторија на ОКТА за контрола на квалитетот на горивата што се продаваат во државата.

Во Лабораторијата се контролира квалитетот на горивата што се продаваат на брендираните бензински станици на ОКТА, но и на било кој друг увозник, дистрибутер или продавач на горива во земјава.

Како што најави главниот извршен директор на ОКТА Димитриoс Пасхос, во следните неколку месеци ќе биде дигитализиран и тест моторот за испитување на октанскиот број на бензините. Покрај дизел горивата и бензините во Лабораторијата на ОКТА, која е прва акредитирана лабораторија во земјава уште од 2006 година, може да се испитува и квалитетот на ТНГ горивото или автоплинот, но и на керозинот кој се користи за погон на авионите. Вкупно има три тест мотори за испитување на квалитетот на горивата од американско производство стари по 40 години, од кои тој што е дигитализиран претходно е ремонтиран. Модернизацијата со која се елиминира субјективноста при контролата на квалитетот ја спровела американска компанија.

-За нас во ОКТА контролата на квалитетот на горивата што ги пласираме на пазарот е и останува императив. Затоа вложуваме во дигитализација на дел од опремата во нашата лабораторија што служи за испитување на квалитетот на нафтата и нафтените деривати. Зборуваме за модернизација или поточно за дигитализација на еден од моторите за тестирање што ги имаме во нашата лабораторија кој конкретно служи за испитување, контрола и тестирање на квалитетот на дизел горивата, изјави Пасхос.

Дигитализацијата на лабораторијата, посочи, ќе ни овозможи да вршиме уште попрецизни испитувања, како и да вршиме подетални анализи за контрола во реално време на квалитетот на дизел горивата што се нудат на бензинските станици во земјава што се брендирани од ОКТА.

-Нашата лабораторија е вклучена и во спроведувањето на нашата програма наречена „Програма гаранција“ со кај се испитува како квалитетот, така и количините на горивата што се нудат на сите бензински станици од брендот на ОКТА. Лабораторијата не работи само за потребите на ОКТА, туку исто така тестираме примероци од горива што ни ги испраќаат различни други увозници, дистрибутери, продавачи на гориво од земјата и од странство, рече Пасхос. 

На овој начин, додаде, најдобро можеме да им покажеме на крајните потрошувачи дека она за што ги даваат своите пари, односно она гориво што го ставаат во своите автомобили или возила е со соодветен квалитет или соодветните стандарди. 

На настанот присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.вј/ац/

Фото: МИА

 

Остани поврзан