• сабота, 09 ноември 2024

Околу 400 грла добиток ги уништуваат посевите на четири штипски села

Околу 400 грла добиток ги уништуваат посевите на четири штипски села

Штип, 13 март 2022 (МИА) - Жители на четири штипски села Љуботен, Чифлик, Долани и Балталија, како и сопствениците на вили и лозови насади во месноста Струмина Чешма, веќе петта година по ред имаат проблеми со сопственици на 400 грла добиток, кои во текот на зимските месеци до мај ги пуштаат сами да пасат низ нивните посеви со пченица, јачмен, лозови и овошни насади.

Блажо Цветановски, кој пред неколку години се вратил во селото Љуботен за да преживува од земјоделство вели дека добитокот секоја година му ги уништува житните култури, но и овошните насади, што му се во дворот. Со солзи во очите вели дека ја обработува земјата, но родот му го уништуваат крави, кои се пуштени сами да пасат низ атарите на четирите села.

Осумдесет годишниот Дане Наумов од село Љуботен вели дека станува збор за стотици хектари посеани со житни култури и други насади, а добитокот кој е пуштен сам да пасе низ нивните имоти им ги уништува и сандаците со пчели, влегуваат во шталите полни со сено, дворовите, но и во црвките и дворовите. Штетата што ја тпрат е, вели, голема.

-Ние немаме никаква заштита на приватноста. Населението живее во страв и постојано сме будни. Реагиравме до сите институции, Министерството за земјоделие, инспекции, полиција, ветеринарна и кај градоначалникот на Општина Штип. Но, еве над пет години никој ништо не им може на сопствениците на добитокот, кои ни уништуваат се што ќе посееме, вели Данев.

Осумдесет и седум годишниот Стево Стојановски вели дека повеќепати повикувале полиција, правеле се какошто им кажувале, но проблемите и понатаму продолжуваат. Посадил 15 хектари детелина, но од неа лани ништо не заработил, па оваа година ги оставил нивите необработени.

-Имаме големи проблеми низ селото, кога ќе ги видиме ги спасуваме нивите, а во соседното село Чифлик жителите се откажаа од нивите и лозјата, вели Стојановски.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека пред неколку недели имале состанок со сите претставници на институциите, жителите од штипските села и сопствениците на добитокот.

-Во општината имавме координативен состанок, но еве порачувам дека во координирана акција со институциите ќе се справиме со овој проблем на жителите на Љуботен, Чифлик, Долани и Балталија, вели Јорданов.

Жителите на овие села сметаат дека штетите им се неколку илјадници евра, бидејќи имаат развиено лозарство, а на големи површини се садат житни култури и сточна храна, која во моментов поради кризата е од големо значење за нив, но и за заедницата. Низ дворовите и низ посевите се гледаат стапки од говедата, кои се оставени сами и им ги уништуваат посевите, од кои чекаат род. вдј/вг/

 

Остани поврзан