• среда, 27 ноември 2024

Околу 130 лица го загубија животот или се водат како исчезнати во поплавите и лизгањето на земјиштето на Филипините

Околу 130 лица го загубија животот или се водат како исчезнати во поплавите и лизгањето на земјиштето на Филипините

Манила, 27 октомври 2024 (МИА) - Околу 130 луѓе го загубија животот или се водат како исчезнати во смртоносните поплави и лизгањето на земјиштето предизвикани од тропската бура „Трами“ на Филипините, а претседателот Фердинанд Маркос Јуниор рече дека многу области остануваат изолирани и на локалните жители им е потребна помош.

Владината агенција за катастрофи соопшти дека бурата завчера го зафати северозападниот дел на Филипините, при што животот го загубија најмалку 85 луѓе, а 41 други се водат како исчезнати. Ова ја прави една од најсмртоносните и најразорните бури во архипелагот на Југоисточна Азија досега оваа година. Се очекува бројот на загинати да се зголеми бидејќи пристигнуваат податоци од досега изолираните области.

Десетици полицајци, пожарникари и други работници за итни случаи, поддржани од тројца багери и кучиња трагачи, вчера ископаа еден од последните двајца исчезнати во езерото крај градот Талисај во провинцијата Батангас.

Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор, кој вчера изврши увид во друга тешко погодена област југоисточно од Манила, рече дека невообичаено високата количина на дожд за време на невремето, вклучително и во некои области каде што врнеше дожд од еден до два месеци за само 24 часа, ги преоптовари службите за борба против поплавите во провинциите погодени од бурата.

Повеќе од пет милиони Филипинци беа погодени во невремето, вклучително и речиси половина милион кои побегнаа во повеќе од 6.300 засолништа за итни случаи поставени во неколку провинции, соопштија властите. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан