• сабота, 23 ноември 2024

Околу 1 150 млади професионалци од 150 струки и 85 натпревари на „SwissSkills 2022“ во Берн

Околу 1 150 млади професионалци од 150 струки и 85 натпревари на „SwissSkills 2022“ во Берн
Скопје, 8 септември 2022 (МИА) - Заварувачи, керамичари и фризери, кројачи, готвачи и модни дизајнери, козметичари, часовничари и мајстори за пијано, се само дел од 150-те професии што ќе бидат претставени на годинашниот саем „SwissSkills“ во Берн, Швајцарија. На саемот што се одржува од 7 до 11 септември, учествуваат околу 1 150 млади професионалци меѓу кои и лаборанти, водоводџии, шминкери, произведувачи на оргуљи, пекари, машински и електротехничари, резбари, изработувачи на накит, автомеханичари, мајстори за поправки на земјоделска механизација, фармери специјализирани за различни сточарски дејности, репаратори на мебел, монтажери на бекатон плочки,... Најдобрите од нив и практично ќе ги презентираат своите вештини и знаења, а посетителите ќе имаат можност да ги набљудуваат одблиску, но и директно да се вклучат во работниот процес. Првите денови од саемот се резервирани за натпревари - вкупно 85 првенства за освојување на титулата „швајцарски шампион“, како и за демонстрирање на професиите, додека во недела на агендата е „Најдоброто од ‘SwissSkills’“ - програма посветена на учениците и родителите. -„SwissSkills“ промовира извонредност во професионалната пракса, им дава на младите увид во различните професии и помага да се зајакне имиџот на стручното образование во Швајцарија. Меѓу 85 од 150-те различни професии кои ќе бидат застапени, ќе се одржуваат првенства, а околу 1 150 чираци и дипломци ќе се натпреваруваат за освојување на титулата „швајцарски шампион“. Млади професионалци од други 65 професии, пак, ќе го покажат својот талент во живо, директно демонстрирајќи ја својата струка, најавуваат организаторите. Новинари од Република Северна Македонија ќе го посетат саемот и ќе се запознаат со швајцарскиот бизнис сектор, со асоцијации и здруженија, како и со швајцарските медиуми кои го поддржуваат саемот и пишуваат за стручното образование преку проектот „Образование за вработување“ https://www.e4e.mk/ кој ги поддржува реформите за стручно образование во Севеврна Македонија, а е поддржан од швајцарската Влада. Историјата на SwissSkills почнува во 1953 година кога Швајцарија прв пат учествува на меѓународни натпревари за стручни вештини, а во 1963 година се организира во Берн. Со текот на годините, форматот на организацијата се менува од фондација во институција за натпревари за стручни вештини, името се менува од Swisscompetence во Swiss Skills. Форматот се зголемува од локално, кантонално и национално ниво, но сепак фунцкијата на саемот останува координирање, организација и промовирање на швајцарските првенства за стручни вештини, како и учество на светски првенства за стручни вештини. Во 2014 година се организира првото централно швајцарско првенство во Берн, додека во 2017 година SwissSkills преминува во јавно-приватно партнерство помеѓу државните институции, асоцијации и здруженија и приватниот сектор, со голема поддршка од медиумски партнери. Со подобрен формат, во 2018 беше организирано второто централно швајцарско првенство за стручни вештини кое достигна 120.000 посетители, со промоција на 135 различни занимања. Благодарение на високото ниво на медиумски интерес, SwissSkills 2018 се емитуваше на национални телевизии во живо. SwissSkills 2022 година се очекува да ги надмине сите претходни постигнувања, особено во поглед на број на занимања и број на посетители - https://www.swiss-skills2022.ch/de. мч/дма/

Остани поврзан