• сабота, 23 ноември 2024

Ожнеани првите површини со ориз во атарот на кочанското село Тркање

Ожнеани првите површини со ориз во атарот на кочанското село Тркање
Кочани, 14 септември 2022 (МИА) - Во атарот на кочанското село Тркање денеска беа ожнеани првите десетина хектари засеани со ориз. Иако официјалната жетвена сезона сè уште не е почната, земјоделците ја прибираат овогодишната реколта од оризовите сорти што имаат пократка вегетација. -Се жнеат површини што пролетва беа засеани со семиња од турско потекло, кај кои периодот на вегетација, од засејување до созревање на оризовото зрно, е 105 дена, за разлика од италијанските сорти кај кои за жетва ќе се почека уште две-три недели. Со оглед на поволните временски услови и навременото пуштање на водата во нивите, вегетацијата на растението беше во оптималниот рок, а според првичните проценки ќе се добијат од 650 до 700 килограми арпа од декар, што е во рамки на просекот. Неминовно ќе биде дополнително потсушување на зрното, но за краток период, со оглед што тоа е во полна зрелост. Нивите на кои денеска се жнееше се во сопственост на млади земјоделци кои се подготвени активно да се занимаваат со оризопроизводство, а ги применуваат современите агротехнички мерки за добивање што подобар принос и квалитет, истакна Зоран Борисов од Здружението на оризопроизводители „Бело злато“ од Кочани. Жетвената сезона на оризот во Кочанско официјално почнува во првата половина на октомври и во зависност од временските услови трае до крајот на ноември. Годинава во најголемиот оризопроизводствен регион во државата беа засеани околу 4.000 хектари, од кои се очекува просечен принос од над 26 илјади тони оризова арпа. та/мч/

Остани поврзан