• сабота, 23 ноември 2024

Од 1 јануари прочистувањето на правосудството, за враќање на довербата во правната држава

Од 1 јануари прочистувањето на правосудството, за враќање на довербата во правната држава
Скопје, 31 декември 2020 (МИА) - Прочистувањето на правосудството од 1 јануари следната година ќе се прави врз основа на извештај со увид во шест предмети за обвинителите и десет предмети за судиите, предвидува новата Методологијата за проверка на работата на правосудството во нашата земја. Ова заедно со новите правилници за оценување треба да обезбеди ефикасно судство и јавно обвинителство што ќе ја врати довербата во правната држава. Премиерот Зоран Заев, изрази очекување Судскиот совет и Советот на обвинители, на транспарентен и ефикасен начин да ги завршат сите овие проверки и прочистување во правосудството за да може да се среди правосудниот систем во државата. - Верувам дека процесот на прочистување што го поздравувам согласно донесените методологии, кои го работат органите кои за тоа се единствено задолжени, а тоа е Судскиот совет и Советот на обвинители, а во делот на другите постапки Антикорупциската комисија, никако извршната власт, никако политиката или било кој друг, на транспарентен и ефикасен начин очекувам да ги завршат сите овие проверки и прочистување во правосудството за да може да се среди правосудниот систем во државата, изјави Заев одговарајќи на пратенички прашања во Собранието. Министерот за правда Бојан Маричиќ, кој вчера заедно со јавниот обвинител, Љубомир Јовески и претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев ја презентираа Методологијата, рече дека не сакаат на кој било начин да прават притисок или какво било влијание врз судството и обвинителството, но дека се должни да се грижат и будно да го следат процесот со кој ќе добиеме реформиран, транспарентен, ефикасен и од какви било притисоци ослободен правосуден систем. Оценувањето на јавните обвинители, како што појасни државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, ќе започне од 1 јануари следната година, а обвинителите ќе се оценуваат врз основа на шестмесечни извештаи во кои ќе бидат разгледувани шест предмети, од кои три ќе ги посочи јавниот обвинител, додека другите предмети ќе се изберат по случаен избор. Оценувањето на квалитетот на водење на судската постапка, според претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, ќе се врши преку увид во десет предмети на оценуваниот судија од периодот на оценување од кои пет предмети се добиваат по случаен избор од страна на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети и пет предмети определени од самиот судија чие водење на судска постапка се оценува. Увидот во овие предмети го вршат комисии составени од пет члена на судии од сите апелациони судови, односно од непосредно повисокиот суд, а ги формира Советот по случаен избор. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку партиско соопштение, реагираа дека Зоран Заев и Бојан Маричиќ се закануваат со чистење на неподобрни, откако го наполниле судството со нивни кадри. - Заев и Маричиќ ветуваа независно судство, а 4 години гледаме како ги ставија судиите и обвинителите под нивна капа. Заев не сака да спроведе реформи. Заев сака да го потчини судството, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. аа/сп/

Остани поврзан