• среда, 25 декември 2024

Од 1 јануари поедноставување на вработувањата во јавниот сектор

Од 1 јануари поедноставување на вработувањата во јавниот сектор

Скопје, 22 декември 2023 (МИА) – Од 1 јануари Министерството за финансии повеќе нема да дава согласност за вработување, туку раководителите на државните буџетски институции сами ќе одлучуваат за нови вработувања во согласност со годишниот финансиски план и прегледот за вработувања, информира ресорниот министер Фатмир Бесими.

За ова да стапи на сила, како што кажа на денешната средба со новинарите, прво ќе треба да бидат донесени Законот за буџет и Законот за извршување на буџетот.

За да оствари ново вработување, раководителот на институцијата ќе треба да достави изјава до Агенцијата за вработување или до Агенцијата за државни службеници во која под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека во буџетот на институцијата се обезбедени средства за новото вработување.

Со ова, според министерот за финансии, се поедноставува постапката за процесот на вработување во јавниот сектор, а контрола на процесот на вработувањето ќе бидат финансискиот план и прегледот за вработувања кои претходно секоја година ќе ги одобрува Владата. Евентуалните злоупотреби ќе можат да ги пријават и самите вработени, а за погрешна изјава раководителот ќе биде гонет од јавното обвинителство и судовите.

Досега, буџетските корисници, ЈП, АД, ДООЕЛ во државна сопственост и јавно-приватните субјекти подготвуваа годишен план за вработување кој го доставуваа до Министерството за финансии, МИОА или Министерството за политички систем, а потоа Министерството за финансии известуваше дали се обезбедени финансиски средства (даваше согласност за вработување), а потоа институциите објавуваа оглас за вработување.

Отсега, буџетските корисници ќе доставуваат годишен план за вработување до Министерството за финансии, МИОА или Министерството за политички систем, а единката буџетски корисник ЈП, АД, ДООЕЛ и јавните субјекти од централната власт до ресорното министерство, додека ЈП, АД и ДООЕЛ од локалната власт до Советот на општината. Откако ќе добијат согласност за годишниот план само со изјава на раководното лице на институцијата дека се обезбедени средства за вработување ќе може да се објави оглас за вработување. За ЈП, АД, ДООЕЛ и јавните субјекти од централната власт кои работат со загуба претходно одлука за согласност за вработување ќе треба да даде Владата, додека за ЈП, АД и ДООЕЛ од локалната власт тоа ќе го прави општината.

Министерот Бесими појасни дека во развиените земји нема механизам за контрола на вработувањата каков што имавме досега во кој согласност дава Министерството за финансии и додаде дека измените се во насока да се придвижиме кон развиените земји.

Посочи дека во пракса може да се покаже дека некој чекор од новиот начин на вработување во јавниот сектор не е добро предвиден и дека ќе треба да се поправи. Тој не очекува новата одлука да предизвика „елдорадо“ во вработувањата и не очекува да има опструкции при носењето на Законот за буџет и Законот за извршување на буџетот. Вели дека измените не се прават заради претстојните избори, туку биле изработени уште пред две години.

-Преку новата поедноставена постапка процесот на вработување во јавниот сектор ќе се врши врз основа на одобрен план за вработување во буџетскиот корисник или институцијата и врз основа на изгласаниот Буџет во Собранието, надополнето со изјава од страна на раководното лице на институцијата за обезбедени средства за вработување за која сноси одговорност, рече Бесими.

Тој додаде дека на ваков начин се децентрализира процесот и се алоцира одговорноста на микро ниво, на ниво на менаџментот во институцијата во која се реализира вработувањето и дека таа одговорност се зацврстува со изјавата што ќе се потпишува од страна на раководното лице во Агенцијата за вработување или Агенцијата за административни службеници, во зависност каде ќе се објави огласот.

-Станува збор за сериозна реформа во постапката за вработување, во која се децентрализира процесот и ќе се подобро управување со човечкиот капитал. Постапката има контролни механизми, односно нема да може да се објави оглас без тоа да е одобрено во Планот за вработување, потенцира министерот.

На средбата со новинарите се осврна на прашањето со вработување во здравствениот сектор, при што посочи дека се бара одржливо решение, дека се води комуникација на дневно ниво, се разгледуваат сите опции и ќе се креира решение според потребите.

За платите на вработените во Министерството за финансии посочи дека се чека на одлуката на Уставниот суд, но дека Министерството за финансии останува на претходниот став во однос на платите на вработените. вј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан