• понеделник, 23 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
7 март 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 23 февруари. Денеска е Св. свештеномаченик Поликарп Смирнски (Тодорова сабота). Свети Поликарп е една од најсветлите личности од поапостолското време. Живеел во првиот и вториот век и бил епископ на градот Смирна. Во 155 или 156 година во Смирна бил фрлен на ѕверовите некојси христијанин Германик, кој храбро ја дочекал својата смрт во арената. Неговата смрт не ја задоволила толпата и таа го побарала и Поликарп. По епископот бил испратен цел одред војска вооружена до заби, иако Поликарп веќе бил влезен во длабока старост. Тој не се противел и сам тргнал по војниците. Проконзулот го осудил како христијанин и наредил да биде изгорен. Пред да го зафати огнот, го погубиле со меч. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Перпетуа и Фелицита. Поради верата во Христос тие биле мачени во 202-та година за време на владеењето на римскиот цар Септимиј Север. Перпетуа била жена која потекнувала од угледна фамилија. Нејзиниот татко бил паганин, а нејзината мајка христијанка. Имала едно дете, а Фелицита и била слугинка. Кога се породувала во затворот, стражарот и рекол: „Ако сега толку викаш, што ќе правиш кога ќе бидеш фрлена пред yверовите?". Светата маченица му одговорила: „Сега сама ја поднесувам болката, но тогаш во мене ќе биде Исус". ###

Остани поврзан