• вторник, 24 декември 2024

Одржан првиот координативен состанок за имплементација на новата Стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година

Одржан првиот координативен состанок за имплементација на новата Стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година

Скопје, 19 февруари 2024 (МИА) - Во организација на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија денеска се одржал првиот координативен состанок за имплементација на новата Стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година, со Акциски план 2023-2026 година.

Како што информираат од владината прес-служба, на настанот освен членовите на Националното координативно тело присутни биле претставници од Државниот завод за статистика, Агенцијата за млади и спорт, Државниот инспекторат за градежништво, Државната изборна комисија, Бирото за развој на образованието, Фонд за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги, ЗЕЛС и Центарот за управување со кризи, кои имаат обврска за реализација на активности планирани во Стратегијата.

Фокусот на состанокот, како што се наведува во соопштението, бил координацијата на институциите во процесот на имплементацијата на Акцискиот план, преку воспоставување на механизми за соработка, следење и известување за напредокот.  Во тој контекст, на состанок е дискутирано и за дигиталната алатка која е во фаза на изработка од страна на СЕМОС, а со поддршка на партнерите односно Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Дигиталната алатка, посочуваат, ќе ја користат институциите во фазата на имплементација и ќе овозможи ефективно следење на напредокот и реализацијата на Стратегијата.

Од владината прес-служба потсетуваат дека Националната стратегија за правата на лицата со попреченост за периодот 2023-2030, со Акциски план 2023-2026 година е усвоена од страна на  Владата на 26 декември 2023 година. Посочуваат дека таа е мултисекторски стратешки документ, подготвен во широк партиципативен процес, со вклучување на 216 учесници од 31 институција и 27 граѓански организации, меѓу кои и Агенциите на ОН во земјата, и со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Стратегијата содржи одредници за унапредување на правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, темелејќи се на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Европската Стратегија за правата на лицата со попреченост 2021-2030, како и Агендата 2030 и целите за одржлив развој. Стратегијата е заснована на принципот на човекови права и основниот принцип „Никој да не биде изоставен“ („Leave No One Behind“) од Агендата 2030.

Носител на Стратегијата е Министерството за труд и социјална политика, а НКТ за имплементација на КПЛП беше активно вклучено во целиот процес- комуникација со донатори, со граѓанските организации, академската заедница, обезбедување присутност на различни чинители при подготовката, а ќе ја има и главната улога во процесот на координација на спроведувањето на активностите.

-Националната стратегија за правата на лицата со попреченост опфаќа девет приоритетни области, одредени врз основа на потребите, а усогласени со Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост (КПЛП) и Стратегија за правата на лицата со попреченост 2021-2030 на Европската Унија. Во секоја од деветте приоритетни области се утврдени цели, мерки и активности коишто овозможуваат унапредување на правата на лицата со попреченост, независност, еднакви можности, квалитет на живот, како и градење инклузивно општеството. Како приоритетни области се дефинирани: пристапност, еднаквост, пристап до правда и активно учество во јавниот и политичкиот живот, пристап до здравствена заштита, детска, социјална заштита и независно живеење, право на образование, вработување и право на работа, локални инклузивни заедници, јавна свест, култура, спорт и рекреација, информираат од владината прес-служба.фф/дма/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан