• вторник, 19 ноември 2024

Одржан концертот „Живеј со музика“ во Делчево

Одржан концертот „Живеј со музика“ во Делчево
Делчево, 7 септември 2021 (МИА) - Со концерт на тенорот Влатко Груевски и Андреј Наунов на пијано во Делчево завршија свеченостите по повод 7 Септември - Ден на ослободувањето на градот и 8 Септември - Ден на независноста.
Концертот го организираше Националната Установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ согласно протоколите за организација на настани во затворено. 
Директорот на установата Методи Толевски истакна дека и покрај малиот број присутни, публиката уживала во шоуто приредено од младите виртуози.
-Концертот беше насловен „Живеј со музика“ и иако се реализираше со мал број посетители сепак покажа дека културата може да и пркоси на пандемијата и во вакви услови, рече Толевски.
За тенорот Влатко Груевски настапот во Делчево е само дел од настапите во рамки на Концертната сезона 2021 која ја продолжуваат во повеќе градови во државата.
-По овој настан продолжуваме за Гостивар и Демир Хисар, потоа сме во Скопје и завршуваме со настапи во Истанбул, Турција. Во Делчево сме често гости и многу ни е драго што Делчевчани се добри домаќини и што знаеа да се забавуваат, рече Груевски.
Неговиот колега Андреј Наунов задоволен од настапот во Делчево, додаде дека музиката можеби не е лек, но сигурно го продолжува животот.
Од установата додадоа дека во соработка со Министерството за култура која го поддржа вечерашниот концерт ќе следуваат уште неколку настани, најавувајки ја Ликовната изложба која овој четврток ќе се одржи во Фоајето на Спомен дом АСНОМ. вс/аа/

Остани поврзан