• вторник, 17 декември 2024

Одобрени паралелките со помалку од 20 односно 25 ученици во охридските училишта

Одобрени паралелките со помалку од 20 односно 25 ученици во охридските училишта

Охрид, 29 август 2024 (МИА) – Советниците на Општина Охрид на денешната седница го одобрија предлогот за формирање паралелки со помалку од 20 односно 25 ученици во општинските основни односно средни училишта.

За престојната учебна 2024/2025 година во Општината се запишани вкупно 436 првачиња, поделени во 29 паралелки. Најмногу основци се запишале во ООУ „Григор Прличев“ – 115 распоредени во шест паралелки. Следува ООУ „Христо Узунов“ со сто првачиња во пет паралелки, потоа „Св. Климент Охридски“ со 69 ученици во три паралелки, „Братство единство“ со 53 првачиња во седум паралелки, „Кочо Рацин“ со 33 првачиња во три паралелки, ООУ „Живко Чинго“ во селото Велгошти со 29 запишани ученици во две паралелки. Следуваат ОУ „Ванчо Николески“ во селото Лескоец со 23 првачиња во две паралелки и ООУ „Св. Наум Охридски“ во селото Пештани со 14 првачиња кои ќе учат во една паралелка.

Во осумте основни училишта на територија на Општина Охрид се запишани вкупно 4.374 ученици, поделени во 274 паралелки.

Во трите средни училишта во градот во клупите ќе седнат вкупно 1 780 ученици во 87 паралелки.

Едносменска настава ќе има само во неколку училишта на територијата на Општина Охрид.

Работа во една смена со продолжен престој до 16 часот ќе има во ООУ „Св. Наум Охридски“ во село Пештани, потоа во ПУ Елшани, како и во ООУ „Св. Климент Охридски“.

Во ПУ „Ванчо Николески“ во село Косел настава ќе има само во прва смена со продолжен престој до 14 часот, додека во ПУ „Кочо Рацин“ во село Долно Лакочереј во една смена со продолжен престој. аб/лв/

фото/МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан