• сабота, 23 ноември 2024

Одиграни мечевите од првото квалификациско коло на „Macedonian Open 2024“

Одиграни мечевите од првото квалификациско коло на „Macedonian Open 2024“

Скопје, 19 мај 2024 (МИА) - На терените на ТК Југ во Градски парк, денеска стартуваа мечевите на годинашново издание на „ATP Challenger 75 турнирот Macedonian Open 2024“. Во првото квалификациско коло настапија и четири македонски тенисери, кои се елиминирани. 

Најискусниот играч на турнирот македонскиот тенисер Димитар Грабул одигра меч против младиот хравтски тенисер Лука Микрут од кого загуби со 2:0 во сетови (6:3 и 6:4). Мечот траеше 88 минути, притоа дури осум гема беа решени на разлика, а во вкупниот број поени биланост беше 77:65 за Микрут, а само еден гем заврши на „0“ и го освои Грабул.

Неизвесен прв сет одигра и Берк Бугариќ, против Жером Ким од Швајцарија, откако ривалот поведе со 5:2 во гемови Бугариќ успеа да изедначи на 5:5, а потоа двата гема ги освои Ким, кој беше сигурен во вториот сет и го освои без загубен гем. Буграиќ загуби со 2-0 во сетови (7:5 и 6:0).

Шендрите Деари го загуби мечот од Лука Павловиќ од Франција со 2:0 во сетови (6:3 и 6:4), притоа неговиот ривал ги искористи можностите и го доби мечот. 

Четвртиот македонски тенисер кој настапи во квалификациите беше младиот Амар Хусеиновиќ, кој загуби од Константин Битон Козмин од Франција со 2-0 во сетови (6:0 и 6:1). зс/

Фото: МТФ

Остани поврзан