• понеделник, 23 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
17 април 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 4 април. Денеска е Преподобен Јосиф Песнописец. Овој Јосиф потекнуваше од Сицилија. Подоцна дојде во Солун и таму се замонаши. Во Цариград отиде по молба на Григориј Декаполит, кој беше восхитен од добродетелите на овој смирен монах и голем поет. Во време на иконоборечката криза преподобен Јосиф беше заточен од еретиците шест години на островот Крит, а откако помина шумот на оваа ерес, тој повторно се врати во Цариград. Како голем духовник, кој најпрво самиот ги поминал сите скали во духовниот живот, светиот патријарх Фотиј го постави за духовник и исповедник на цариградското свештенство. Се упокои мирно во 883 година. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Мапалик. Во северна Африка, бискупот свети Кипријан во своите записи ги спомнува свети Мапалик и неговите другари, маченици на прогонствата на Дечиј во 250 година. Мапалик умрел за време на мачењето. Свети Кипријан за верата на мачениците пишува: " Бевте измачувани се до постигнувањето на вечната слава..." Примерот на свети Мапалик и неговите другари маченици покажува дека секогаш во верата треба да бидеме верни и да бидеме подготвени да се жртвуваме за неа. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:23 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 4 часот и 04 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан