• среда, 27 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
1 април 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 19 март. Денеска е Св. маченици Хрисант и Дарија. Хрисант потекнуваше од угледен род. Татко му беше римски сенатор во третиот век. Додека се школуваше во Рим на Хрисант му дојде в раце Евангелието и, откако го прочита, се увери во возвишеноста на Христовата личност и поверува во неговата божественост. Кога дозна за тоа, татко му на секаков начин го одвлекуваше од Бога. Најпосле уговори со една убава и паметна девојка паганка да му стане жена, надевајќи се дека така Хрисант ќе се врати на празните идоли. Наместо тоа, оваа девојка и самата поверува во Христа. Дури тогаш Хрисант и Дарија стапија во брак, но целиот живот сепак му го предадоа на Бога, прифаќајќи ги новообратените христијани и многумина придобивајќи за верата. Поради тоа беа неколкупати ставани на маки, а најпосле и живи закопани во 284 година. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Велики Четврток. Вечерва Католичката црква го слави споменот т.е. денот кога Исус ја востановил светата миса. На денешен ден, пред две илјади години, во просторијата на Последната вечера тој над лебот рекол: Земете и јадете сите, тоа е моето тело кое за вас ќе се предаде. Над виното ги изговорил зборовите: Земете и пијте сите: Ова е мојата крв на новиот и вечниот сојуз која ќе се пролие за вас и за сите луѓе при простувањето на гревовите. Ова правете го во спомен на мене. Тогаш Исус востановил два сакрамента: света Миса и свештенички Ред. На Последната вечера, Исус на своите апостоли им дал власт да го прават истото т.е. да ја слават света Миса. Според светата Миса, Исус покажува дека е присутен меѓу нас. Тоа на посебен начин ја чувствуваат тие чисти и свети христијански души кои го примааат во света причест. ###

Остани поврзан