• понеделник, 23 декември 2024

Одборот за акредитација на високото образование одржа работна седница на Штипскиот универзитет

Одборот за акредитација на високото образование одржа работна седница на Штипскиот универзитет

Скопје, 11 мај 2024 (МИА) - Одборот за акредитација на високото образование денеска одржа работна средба и седница на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Претходно на работна средба со раководството на УГД се разговарало за заеднички проекти, акредитација на програми и развојот на високото образование.

Претседателот на Одборот за акредитација на високото образование проф. д-р Марјан Ѓуровски истакна дека новото раководство на Одборот почнува политика на поголема отвореност и посети на високообразовните институции.

-Овој процес го започнуваме токму од Универзитетот „Гоце Делчев“ затоа што сметаме дека овој универзитет е одличен пример за тоа како треба да се дигитализира процесот на високо образование во целата држава. Покрај работната посета, којашто ја имавме со ректорот и проректорите на УГД, ние денес ќе одржиме и седница во ректоратот на УГД, рече Ѓуровски.

Покрај редовната соработка за акредитација на студиските програми, Одборот и УГД  планираат соработка и во делот на апликација на заеднички проекти со цел унапредување на високото образование.

-Почестени сме што денес како гости ги имаме членовите и претседателот на Одборот за акредитација на високото образование. Ние сме отворени за поблиска соработка во делот на развојот и дигитализација на високото образование. Сметаме дека ваков отворен пристап ќе придонесе за поголем квалитет во високото образование, изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

На работната средба се разговарало и за интернационализација на високото образование со акредитирање на поголем број студиски програми на англиски јазик што ќе придонесе до поголем квалитет на високото образование и за поставување на нашите универзитети на мапата на светски универзитети и зголемена видливост за студенти од странство. хс/лв/

Фото: Универзитет „Гоце Делчев“-Штип 

Остани поврзан