• сабота, 23 ноември 2024

Одбележен ден на човековите права од страна на АОПЗ и ОБСЕ

Одбележен ден на човековите права од страна на АОПЗ и ОБСЕ

Скопје, 11 декември 2023 

Одбележување на 10-ти Декември - Ден на човекови права.

Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), со поддршка на Мисијата на ОБСЕ, организираше одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права, во Скопје.

“Сите луѓе се раѓаат слободни и рамноправни во достоинството и правата“- пишува во првиот член на Универзалната декларација за човекови права.

Настанот со поздравен говор го отвори Претседателот на Р. Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски.

„Токму оваа стратешка одлука во 1991 година беше еден од најважните аспекти што ни помогна да ја избегнеме војната, а новата држава да добие поширока меѓународна верификација и легитимитет. Охридскиот рамковен договор од 2001 година постави стандарди за заштита на колективните права на заедниците кои и по повеќе од две децении сè уште се сметаат за исклучителен пример за градење на мултикултурна демократија не само во регионот, туку и во Европа. Клучен дел од договорот е заштитата и промоцијата на правата и идентитетот на сите заедници, независно од нивната бројност или политичка претставеност. И тогаш и сега сум убеден дека тој нов општествен договор ни овозможи да ја зачуваме државата и мирот и да градиме заедничка иднина“, истакна претседателот Пендаровски.

Преку видео порака се обрати и амбасадорот на ОБСЕ, г-дин Килиан Вал.

„Прифаќањето и славењето на различностите не е само морален императив; мора да се гледа како стратешки императив за просперитетот на земјата. Помалубројните заедници сочинуваат суштински дел од културата, општествениот живот и економијата на едно општество. Во духот на Меѓународниот ден на човековите права, да ја потврдиме нашата посветеност да ги заштитиме правата на сите поединци. Наша колективна одговорност е да промовираме инклузивна средина каде што сите граѓани се чувствуваат ценети, почитувани и оснажени активно да се вклучат во општествениот, економскиот и политичкиот живот на земјата“, изјави амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во име на АОПЗ на присутните им се обрати директорот, г-дин Еран Куртиш.

“Правата на заедниците во Република Северна Македонија се дел од Уставот и законите. Почнувајќи од самата држава како главен општествен чинител, институциите како и нашата агенција секојдневно се соочува со предизвици, за остварувањето, заштитата и унапредувањето на правата на помалубројните заедници кои живеаат во РСМ. Сите имаме задача и должност кон оваа проблематика.” – потенцираше во своето обраќање Еран Куртиш, директор на АОПЗ

Во вториот дел следуваше панел дискусија “Улогата на помалкубројните заедници во развојот на Република Северна Македонија“, на која учествуваа:

- Арбана Пашоли, пратеничка и претседателка на Комитетот за односи помеѓу заедниците.

- Џабир Доко, заменик министер за политички систем и односи помеѓу заедниците.

- Роберт Алаѓозовски, национален координатор за мултикултурализам и едно општевство во Владата на РСМ

Модератор на настанот е Џелал Хоџиќ, заменик -директор на АОПЗ.

 

Агенција за остварување на правата на заедниците

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан