• вторник, 24 декември 2024

Одбележан 100-годишниот јубилеј на црквата „Света Петка” во Црниче

Одбележан 100-годишниот јубилеј на црквата „Света Петка” во Црниче

Скопје, 29 септември 2024 (МИА) -  Со Божествена литургија, со која чиноначалствуваше Архиепископот Oхридски и Mакедонски г.г. Стефан и македонското свештенство, денеска се одбележа еден век од осветувањето на црквата „Света Петка“ во скопската населба Црниче, која неодамна беше реновирана. 

На  прослвата присуствуваа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски  кој, како што соопшти општинската прес-служба, порача дека храмот на одбележувањето на стогодишнината е реконструиран, партерно уреден и со освежена фасада.

- Секогаш, колку што се моите можности ќе помагам и ќе се залагам за нашите македонски храмови, бидејќи токму во нив е мирот и сплотеноста на нашиот народ, рече Ѓорѓиевски.

Камен темелникот за храмот е поставен во 1904 година и како што посочи Ѓорѓиевски овој прекрасен Божји дом бил изграден за 20 години.

- Постои камен плоча на која може да се прочита дека храмот бил довршен и осветен на 3 септември 1923 година. Живописот и иконописот му биле доверени на последниот и најдобар зограф на тоа време Димитар Андонов Папрадишки. Во 1924 година, комплетно го завршил зографирањето и иконографијата на храмот. Црквата  е молитвен дом на многу православни христијани кои преку верата во Бога и молитвите на Света Петка добиваат исцеление на многу душевни и телесни болести. Денес, 100 години подоцна, сведочиме на еден прекрасен јубилеј. Нека е за многу години и нека таму, во Божјите храмови се шири љубов и сплотува нашиот народ, изјави Ѓорѓиевски.лв/цр

фото:Општина Кисела Вода 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан