• вторник, 24 декември 2024

Одбележан патронот на манастирот „Света Марина“ во Туминец, Мала Преспа 

Одбележан патронот на манастирот „Света Марина“ во Туминец, Мала Преспа 

Пустец, 30 јули 2023 (МИА) – Со масовно присуство на постојани и поранешни жители од Мала Преспа,  во селото Туминец, одбележан е патронот на манастирот „Светата Марена“.

Македонците од оваа област, каде и да се, за овој празник се тука и традиционално го слават заедно. Годинава имаше гости и од неколку македонски градови.

По повод денешниот празник посветен на Света великомаченица Марина – Марена - Огнена Марија, како и изминатите години, одбележувањето почна од синоќа кога во дворот на манастирот до доцна во ноќта се виеше македонско оро и се пееја македонски песни, за што се погрижи музичка група од Мала Преспа.

По денешната богослужба што ја одржа надлежниот свештеник  Ропи Арѓири, Македонец од Мала Преспа, верниците продолжија со одбележувањето.

И овој пат, како и изминатите години со нив беше лидерот на МАЕИ, единствената македонска партија во Албанија, Васил Стерјовски. Од негово и од име на партијата го честиташе празникот.

- Честит и вековит да ни е денешниот ден посветен на Света Марена, да ни е на помош и да ни дарува здравје, многу радост, среќа, благосостојба, рече тој палејќи свеќа за здравје. 

Празникот, кој е познат по најмасовното присуство, на Малопреспанци им го честиташе и градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, како и Никола Ѓурѓај, претседател  на македонското друштво „Илинден“-Тирана. 

Инаку, селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење - Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.

Овој преубав манастир датира од 18 век, а обновен е во 1926 година.  Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на Светицата каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти. 

Со донации на преспанци, кои живеат во Канада, при крај е изградбата на камбанаријата на манастирската црква.

Неодамна членовите на Општинскиот комитет на МАЕИ  за Преспа, организираа акција за чистење и хортикултурно разубавување на манастирскиот двор. вт/вг/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан