• сабота, 23 ноември 2024

Одбележан Денот на бубрегот во Кавадарци

Одбележан Денот на бубрегот во Кавадарци
Кавадарци, 11 март 2021 (МИА) - Осум чаши вода на ден, па и повеќе во лето, се неопходни за здрави бубрези, да не се претерува со внес на сол и црвено месо во исхраната, да се вежба, се дел од советите на доктор Антоан Паракеов во Кавадарци на настан во чест на Денот на бубрегот. Паракеов е вработен како лекар по општа пракса во Јавната здравствена установа Општа болница со проширена дејност, во Службата за итна медицинска помош. Тој говореше за анатомијата и функцијата на бубрезите, лекување и начин на справување со бубрежните аномалии и болести. Притоа информираше дека болестите на бубрезите се на трето место во однос на смртноста од сите болести, по болестите на срцевиот систем и болестите предизвикани од канцер. Докторот нагласи дека бубрезите бараат нега, правилна исхрана. Се задржа и на ризик факторите. Тој беше дециден дека превенцијата е мајка на медицината. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев истакна дека Здружението на граѓани „Ренална поддршка” ја има поддршката од општината, согласно нејзините можности и ингеренции. - Јас како градоначалник, но и како дел од бизнис секторот, ја давам и мојата лична поддршка. Кога ќе се смири пандемијата од коронавирусот, ќе организираме состаноци со бизнис секторот, за и тој да ја даде својата поддршка. Давам целосна поддршка на дарувањето органи, една процедура што во нашата земја е далечна, но радува фактот што полека се вклучуваме кон светското здравство. Се надевам дека во блиска иднина ќе имаме развиен систем за дарување на органи, нагласи Јанчев. Адвокатката Емилија Шкартова Плетварска говореше за правната регулатива со која е законски регулирано органодарителството. Таа рече дека за жал, кај нас органодарителството е се уште табу тема, но, смета,  дека со вакви и слични настани, ќе се подигне јавната свест. Бидејќи, како што нагласи, тоа е еден хуман гест, кој ја надминува секоја човечка димензија. Во текот на целиот месец, како месец на бубрегот, Здружението на граѓани „Ренална поддршка” ќе има низа активности, согласно протоколите за заштита од коронавирус. Еден од основачите на Здружението, Дарко Митков пред присутните ја раскажа својата животна приказна која започнала уште кога бил мал, со контроли, болници, ходници. На 17 години почнал со дијализа. Тој се осврна и на трансплантацијата на бубрег во Република Турција. - Нашата порака е, биди хуман, биди донор, спаси живот, со органодарителството спасуваш живот. Голема благодарност до градоначалникот Јанчев кој ми пружи голема несебична поддршка, а и сега ни помага мене и на Здружението, нагласи Митков.свд/фф/

Остани поврзан