• петок, 20 март 2026

Одбележани 83 години од формирањето на Комунистичката партија на Македонија во Тетово

Одбележани 83 години од формирањето на Комунистичката партија на Македонија во Тетово

Тетово, 19 март 2026 (МИА) - Општинската организација на Сојузот на борци од Тетово и граѓаните продолжувачи во соработка со Музеј на тетовскиот крај денеска организираа свечено одбележување на 83 години од формирањето на Комунистичката партија на Македонија. 

Одбележувањето беше во куќата каде што се случило основањето на 19 март 1943 година, која сега е Меморијален музеј на Центалниот Комитет на КПМ (Куќа на Јовановци) во населбата Два Бреста. 

Формирањето на КПМ е клучен настан за ослободувањето на Македонија од фашистичкиот окупатор, посочи во пригодниот реферат, кустосот Сашко Николоски од Музејот на тетовски крај. 

-Овој настан претставува клучен момент во историјата на македонскиот народ, бидејќи со формирањето на КПМ партиската организација во Македонија добила целосна автономија и независност. Одлуките што биле донесени на Првата седница на ЦК на КПМ биле силен поттик за понатамошниот разгор на востанието во Македонија кое на крајот ќе доведе до конечно ослободување од фашистичкиот окупатор. Резултатите од овај историски чин се покажале на терен кога во период од месец април до август 1943 година биле формирани повеќе од десет партизански чети во сите региони на Македонија. Освен тоа партизанските одреди прераснале во поголеми воени единици како батаљони, бригади и дивизии, истакна Николоски.

Македонскиот народ својата народноослободитена борба ја крунисал со одржување на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински кога се изјаснил да живее во заедница со другите југословенски народи со што Вардарскиот дел од Македонија станал рамноправен член во рамките на Југословенската федерација.

Дел од одбележувањето беше и положување на цвеќе пред спомен бистата на Јосип Броз-Тито и народните херои Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Циповски Мерџан во дворот на Меморијалниот музеј. ас/дма/

Фото: Сојуз на борци 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан