• вторник, 24 декември 2024

Овоштари од Пијанец и Малеш договараа стратегија за подобрување на состојбата со модрата слива

Овоштари од Пијанец и Малеш договараа стратегија за подобрување на состојбата со модрата слива

Пехчево, 31 мај 2024 (МИА) – Производителите на модра слива од пехчевско, беровско и делчевско денеска дебатираа околу моменталното производство на сливата, нејзиниот квалитет, третирањето, како и проектите кои се планираат за подобрување на производството и откупот на сливата во наредниот период.

Во рамки на настанот кој денеска се одржа во Пехчево, професорот Маријан Кипријановски пред присутните ги претстави плановите за производството на овој квалитетен плод, кој се повеќе и повеќе се бара на европскиот пазар.

- Ова е првичен состанок за една добра иницијатива од сопственикот на еден новоформиран субјект, кој има за цел да даде поттик и понатаму да се одгледува сливата, да се произведуваат квалитетни плодови и да опстане сливата во овој регион. Субјектот веќе е формиран и покрај подигање на сопствени насади и производство на квалитетна слива, има планови да врши и откуп на плодови од слива. За таа намена веќе има приготвено магацини, планиран е и еден современ дистрибутивен центар со ладилници, а во догледен период ќе се отворат капацитети за преработка на модрата слива, истакна Кипријановски.

Поради лошите климатски услови и уште полошите откупни цени, производителите на модра слива во Малешевијата полека како да се откажуваат од производството на слива. Поголем дел од постоечките насадите се запуштени, дел од нив не даваат квалитетен род, а дел воопшто не даваат род со што, како што беше потенцирано на денешниот состанок, доколку продолжи ваквиот тренд, за догледен период сливата од некогаш најзастапена култура, може да биде заменета со некоја друга овошна култура.

- Затоа велам еве една добра иницијатива од сопственикот на фирмата да даде некој поттик и понатаму да се одгледува сливата и да се произведуваат квалитетни плодови и да опстане сливата во овој регион. Повеќе од потребно е во овој регион да се направи тој откупен центар, да се најде фирма која ќе откупува, односно извезува слива, бидејќи знаеме дека капацитетите наши се мали. За да се потроши во нашата земја мора да се извезува сливата, секако со изнаоѓање некој сериозен партнер од странство, додаде, Кипријановски.

Присутните производители ја поздравија иницијативата како основа за подобрување на критичната состојбата, најмногу поради масовното запуштање и запоставување на сливовите насади. вс/ир

Фото: МИА

Остани поврзан