• понеделник, 23 декември 2024

Објавен трејлер за документарецот за Кристофер Рив

Објавен трејлер за документарецот за Кристофер Рив

Лос Анџелес, 27 авгyст 2024 (МИА) - Продукциската куќа „Ди-си студиос“ (DC Studios) го објави трејлерот за „Super/Man: The Christopher Reeve Story“ („Супер/Човек: Приказната за Кристофер Рив“). Се работи за документарен филм каде што глумецот Кристофер Рив ја раскажува ужасната реалност што му се случила по несреќата со јавање коњ во мај 1995 година, кога тој остана парализиран од рамениците надолу.

Американскиот глумец, можеби најпознат по неговата улога во серијалот филмови „Супермен“ од 1970-тите и 80-тите, се присетува на зборовите од неговата сопруга Дејна, која му дала мотив да продолжи напред.

- Го уништив и мојот и животот на сите други... Си реков: „Нема да можам да скијам, да пливам, да му фрлам топка на Вил (синот Вилијам Рив, з.п.), нема да можам да водам љубов со Дејна; Можеби треба да си заминам“. И, тогаш таа (Дејна) ги кажа зборовите што ми го спасија животот: „Ти сè уште си ти и јас те сакам“, раскажува сега починатиот Рив во една сцена.

Документарецот за Кристофер Рив се сосредоточува на глумецот како суперхерој, животот во ортопедска количка и неговата работа како поборник за правата на лицата со попреченост. Филмот вклучува архивски снимки со Рив, но и интервјуа со трите деца на Рив: Метју, Александра и Вилијам.

- Сите го бараат херојот. Јас не сум херој. Тоа беше дел. Јас одиграв дел. Јас не сум тој човек, вели Рив.

Како борец против попреченост, Рив лобираше и во Конгресот, се појави на 68. доделување на „Оскарите“ и беше домаќин на Параолимпијадата во 1996 година во Атланта. Почина во 2004 година. Документарецот ќе почне да се прикажува во кино на 21 септември и на роденденот на Рив - 25 септември.  си/сд/

Фото: ИМДБ

Остани поврзан